Претседателот Стево Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Кралството Шпанија и на Република Кореја во Република Македонија.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, на церемонијата на предавање на акредитивни писма од страна на Хосе Луис Лосано Гарсија, новоименуван амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија, претседателот Пендаровски истакнал дека двете земји ги поврзува традиционално и искрено пријателство. Во тој контекст, претседателот Пендаровски изјавил дека Кралството Шпанија е важен сојузник и партнер на Македонија.

Пред нас е период на заедничко дефинирање и координирање на активностите, имајќи го предвид нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 и Претседателството на Шпанија со Советот на ЕУ во втората половина на 2023 – вели Пендаровски.

На церемонијата шефот на државата додал дека како земја ја цениме инволвираноста на Кралството Шпанија во критичните моменти од нашата историја, потенцирајќи ги напорите на шпанскиот Парламент за ратификација на Пристапниот протокол на нашата држава во НАТО во услови на политичка и здравствена криза.

Благодарност и за досегашната поддршка на Кралството Шпанија во однос на почнувањето на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ. Верувам дека натамошната блокада поставена од една од земјите членки на Унијата не е од интерес на никого и убеден сум дека почетокот на преговорите, не само што ќе придонесе за натамошно стабилизирање на состојбите на Западен Балкан, туку нам, како држава, ќе ни овозможи побрзо и поефикасно имплементирање на неопходните реформи, особено во сферата на борбата со организираниот криминал и високата корупција – подвлекол Пендаровски.

Амбасадорот Гарсија истакнал дека како партнери во НАТО двете земји ги зајакнале и ги збогатиле меѓусебните односи додавајќи дека Шпанија и  Македонија припаѓаат на истото европско семејство.

Нашата взаемна сила како земји партнери во НАТО ни овозможува платформа преку која можеме да ги зајакнеме пријателските врски, но исто така претставува импулс за час поскоро да стане реалност заедничкото членство во Европската Унија. Шпанија, како што и досега беше случај, нема да ги штеди напорите за таа цел да биде остварена – порачал амбасадорот Гарсија.

На церемонијата на предавање на акредитивите од страна на Ли Хо-шик, новоименуван амбасадор на Република Кореја со седиште во Софија, претседателот Пендаровски нагласил дека по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави во 2019 година, постојат бројни можности за збогатување на соработката, како и за меѓусебно запознавање со богатото културно и историско наследство на двата народа.

Впрочем, во градењето на нашите односи како фундамент ги имаме заедничките вредности како мултилатерализмот, почитување на човековите права, зачувување на животната средина и демократијата, со силен фокус на интегралниот човечки развој – изјавил Пендаровски.

Во таа насока, на средбата двајцата соговорници изразиле интерес за унапредување на билатералната соработка во областа на економијата, земјоделството, културата, образованието и спортот.

Пендаровски на новоименуваните амбасадори на Кралството Шпанија, Хосе Луис Лосано Гарсија и на Република Кореја, Ли Хо-шик, им посакал успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција, стои во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.