Претседателот на државата Стево Пендаровски на денешната средба со известителот за Република  Македонија во Европскиот парламент Илхан Ќучук го повторил очекувањето за скорешно одржување на првата меѓувладина конференција, со што ќе се означи официјалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ.

Како што се наведува во соопштението од средбата, отпочнувањето на преговорите, според Пендаровски, ќе биде дополнителен мотив за понатамошно спроведување на неопходните реформи. Билатералните прашања, потенцирал Пендаровски, треба да се решаваат во духот на добрососедството и на европските вредности.

На средбата биле разменети мислења за напредокот на државата во контекст на аспирациите за членство во ЕУ, а во пресрет на усвојувањето на Резолуцијата на Eвропскиот парламент за извештаите на Европската комисија за  Македонија за 2019 и 2020 година, подготвена од известителот Ќучук.

На средбата претседателот Пендаровски оцени дека резолуцијата на ЕП е важен документ кој треба да ја одрази реалната слика за постигнатите реформи и политичката ситуација во земјата, како и да посочи на прашањата на кои треба да се фокусира државата во следниот период, се наведува во соопштението.

Пендаровски изразил благодарност за континуираната силна поддршка од ЕП за процесот на проширување, како и за ангажманот на известителот Ќучук.

На средбата биле разменети мислења и информации и за актуелните состојби во државата и во поширокиот регион.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.