Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски денеска го прими Младен Чадиковски, претседателот на Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ, соопштуваат од кабинетот на Претседателот.

На средбата се разговараше за предизвиците со коишто се соочуваат медиумските работници во Република Македонија, при што беше констатирано дека заедничката заложба, и на државата и на медиумите, треба да биде обезбедување на основните права и слободи на новинарите, во насока на целосно спроведување на професионалните стандарди во известувањето, како и заштитата на достоинството и интегритетот на новинарската професија.

Претседателот Пендаровски изразувајќи ја поддршката кон ЗНМ, како најстаро здружение во државата и член на Меѓународната федерација на новинарите, истакна дека транспарентноста е главен императив и еден од основните принципи на демократијата на секоја држава.

Токму затоа, нагласи тој, во изминатиов период откако е на функцијата Претседател, неговиот Кабинет воспоставува отворена, непосредна комуникација со медиумите, од кои пак, очекува да бидат активен чинител и коректив на сите општествени процеси во Македонија.

Двајцата соговорници се согласија дека е неопходно забрзување на конституирањето на новиот состав на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и Програмскиот совет на Јавниот сервис МРТ во насока на реформските процеси во медиумската област во државата, стои во соопштението од Кабинетот на Претседателот Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.