Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими министрите за надворешни работи на Република Австрија Александер Шаленберг, на Република Словенија Анже Логар и на Чешката Република Јакуб Кулханек.

На средбата се разговараше за евроинтеграцијата на Македонија и регионалните предизвици на земјите од Западен Балкан.

Соговорниците разменија мислења и информации за актуелните случувања поврзани со почетокот на пристапните преговори на нашата држава за членство во Европската унија. Тие упатија порака дека час поскоро е неопходно одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Европската унија и Македонија, а секое натамошно одложување ќе го наруши кредибилитетот на процесот на проширување на Европската Унија.

Претседателот Пендаровски истакна дека високо ја цениме австриската, словенечката и чешката постојана и гласна поддршка за нашата интеграција во Европската унија во рамки на европските институции.

Во тој контекст, Претседателот го нагласи значењето на неодамна одржаниот состанок во рамки на Процесот Брдо-Бриони на кој беше усвоена заедничка декларација и се испрати силна порака за важноста на процесот на проширување што мора да биде побрз и да не се фокусира само на одделни земји, туку на целиот регион на Западен Балкан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.