Претседателот Стево Пендаровски приреди работна вечера во чест на холандскиот премиер Марк Руте, кој престојува во еднодневна посета на Македонија.
Соговорниците разменија мислења за успешната билатерална соработка меѓу Македонија и Холандија, перспективите на земјата во однос на евроинтеграцискиот процес, како и за актуелните случувања во земјава и регионот.
Притоа, претседателот Пендаровски изрази задоволство од интензивирањето на политичкиот дијалог меѓу двете држави во изминатиот период, посочувајќи дека Холандија е наш важен партнер и докажан поддржувач на нашите напори за интеграција во ЕУ.
Во таа насока, Претседателот се заблагодари за принципиелната поддршка од страна на Холандија за почеток на пристапни преговори за членство во Европската Унија, потенцирајќи дека Македонија е посветена на реформската агенда и добрососедските односи во насока на неодложен почеток на преговорите со ЕУ.
„Веродостоен тест за кредибилноста на процесот на проширувањето се претстојните совети на Европската Унија во декември и можноста Македонија да направи исчекор на патот кон ЕУ. Поддршката за деблокада на нашите евроинтеграции е од исклучителна важност за стабилноста и просперитот на целиот регион и дополнителен поттик на реформските процеси“, посочи претседателот Пендаровски.
Во однос на тековните состојби во областа на демократијата, владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и незвисното судство, Претседателот изрази очекување дека холандската Влада ќе продолжи да придонесува за зајакнување на Македонија како силна европска демократија, со слободно општество и слободна пазарна економија. Во таа насока, беше истaкнато значењето на Декларацијата за партнерство и соработка потпишана помеѓу двете земји, како солидна основа за продлабочување на билатералните врски и натамошно континуирано и посветено спроведување на европските стандарди.
На средбата беа разменети мислења и за актуелните политички случувања во регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.