Претседателот Стево Пендаровски вечерва ги прими министерите за надворешни работи на Литванија, Линас Линкевичиус, на Летонија, Едгарс Ринкевичс и на Полска, Јацек Чапутович и потсекретарот за европски работи на Естонијам Март Волмер, чиишто земји членки на Европската Унија се дел од групата „Пријатели на проширувањето“.
![]()
На средбата, како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, претседателот Пендаровски изрази благодарност за нивната силна и постојана поддршка за интеграцијата на Македонија во Европската Унија.
![]()
Во тој контекст, тој го реафирмираше очекувањето дека новата методологија ќе биде донесена во текот на овој месец и со тоа би се создала можноста за отворање на пристапните преговори за членство во текот на хрватското претседателство со Унијата, се наведува во соопштението.
![]()
Пендаровски нагласил дека земјава, спроведувајќи ја реформската агенда, во изминатиов период покажа политичка зрелост и максимална посветеност во обезбедувањето на нејзината европска и евроатлантска иднина.
![]()
Во таа насока тој ја истакна важноста на нашето пристапување во Унијата, како значаен придонес во зајакнувањето на стабилноста и просперитетот на Југоисточна Европа, но и за самата Европска Унија, со која споделуваме исти вредности, се додава во соопштението.
![]()
Говорејќи за добрососедските односи и соработка како еден од основните предуслови за стабилен и безбеден регион, шефот на државата се осврнал на Договорот од Преспа и на Договорот за добрососедски односи и соработка со Бугарија, коишто претставуваат позитивен пример на Балканот.
![]()
На средбата беше разговарано и за актуелните случувања во пресрет на предвремените парламентарни избори. Во тој контекст, претседателот Пендаровски ја нагласи важноста изборите да бидат спроведени во фер и демократска атмосфера, а новата влада фокусирано да продолжи со испорака на реформски резултати, во интерес на граѓаните и на нашата европска иднина, наведува Кабинетот на шефот на државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.