Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, се сретна со амбасадорката на Кралството Шведска, Кристин Форсгрен Бенгтсон.
Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери на средбата изразил уверување дека и во наредниот период двете држави ќе продолжат да ги развиваат и унапредуваат меѓусебните односи и дека парламентарната соработка ќе се интензивира.
Џафери информираше дека по одржаните парламентарни избори на 15 јули 2020 година, формирањето на парламентарното мнозинство и изгласувањето на новата Влада, Собранието е во фаза на формирање на работните тела, делегациите во меѓународните собранија и пратеничките групи за соработка. Во однос на работата на Собранието, истакна дека фокусот ќе биде ставен на реформските процеси врзани со евроинтеграциите, справувањето со корона вирусот и економскиот развој – се вели во соопштението.
Со цел обезбедување непречена работа на законодавниот дом и исполнување на неговата функција на претставнички дом на граѓаните, претседателот Џафери истакнал дека се размислува за воведување алтернативен начин на работа, односно работа од далечина, како што рекол, само доколку состојбата со корона вирусот го наложи тоа.
Тој изразил надеж дека при тоа, сите пратеници ќе ја исполнат својата должност на претставници на граѓаните, а не само претставници на партиите.
Амбасадорката Бенгтсон упатила честитки за успешното одржување на парламентарните избори во услови на пандемија, а како многу позитивни настани за земјата ги оцени членството во НАТО, зеленото светло за отпочнување на преговорите со ЕУ и имплементацијата на реформите.
Амбасадорката посака успех во можното организирање на работа на далечина во која ќе учествуваат сите пратеници. Двајцата соговорници изразија жалење што поради околностите на пандемијата, не беше остварена најавената посета на спикерот на Риксдагот, Андреас Норлен на Република Македонија на крајот на февруари 2020 година и изразија подготвеност таа да се случи веднаш штом условите тоа ќе го дозволат. Оваа посета ќе претставува потврда на одличните билатерални односи меѓу двете држави и поттик за интензивирање и проширување на парламентарната соработка – се додава во соопштението од собраниската прес-служба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.