Синдикатот на полицијата во Македонија ги повикува вработените во Министерството за внатрешни работи, членовите на двата синдиката – Македонскиот полициски синдикат и  на Независниот синдикат на полицијата, да им се приклучат во борбата за заштита на работните права на вработените во ова Министерство, поради, како што наведуваат во денеска објавениот проглас, алармантната состојба од зголемено кршење и повредување на работните права, вознемирувањето на дел од вработените и нарушувањето на човечките односи во речиси секоја организација.

Тие бараат заедничко дејствување за да се спречат и, како што велат, незаконски прераспоредувања кои се спроведуваат  преку злоупотреби на службени положби и овластувања и тоа од страна на правната служба и претседателите на комисиите во МВР.“ Таквите прераспоредувања, потенцираат од Синдикатот на полицијата во Македонија, имаат нанесено огромни штети на вработените спротивно на нивната волја, што, како што наведуваат, е докажано по извршениот вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за труд.

-Наша законска обврска е да ги штитиме Уставот и законските прописи да не дозволиме нанесување штета и на Буџетот на РМ од предизвикување на тужби и продолжување на натамошни злоупотреби. Оттука ги повикуваме останатите два синдикати МПС и НСП, да излезат со своја реакција и да ни се приклучат во натамошната битка за заштита на загарантирани права на вработените во МВР. Особено го повикуваме МПС односно претседателот на репрезентативен синдикат да упати остра рекација до министерот поради грубото кршење на правата на работниците особено поради заобикуловање на нивните два члена кои се дел како претставници од комисиите за распоредување во МВР, се вели во  прогласот на Синдикатот.

Тие велат дека е потребна заедничка борба за да се спротистават на, според нив, игнорантскиот однос на министерот Оливер Спасовски кој раководи со Министерство кое, како што посочуваат, е единствено што не добило никакво покачување или награда во оваа состојба со пандемијата. сст/лв/



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.