Горјан Тозија реагира на текстот кој „Република“ го презема од „МКД.мк“  и вели дека во текстот нема ниту еден факт со кој може да се потврди горе наведеното тврдење.

Лаги и тенденциозни клевети се објавени и извртена е вистината во објавата на хрватскиот портал ХРсвијет, а пренесена од МКД.МК.

Хрватскиот портал е со сомнителен професионален рејтинг во Хрвтска и ги спинува (веќе извртените) толкувања, ги вади надвор од контекстот на вистината, само со една и единствена цел јавноста да добие впечаток дека „еден владин функционер шири антихрватска кампања во РСМ“.

Но, за воља на вистината, онаа која верувам дека никогаш не може да биде поразена, да одиме по ред:

Во текстот нема ниту еден факт со кој може да се потврди горе наведеното тврдење. Надвор од памет е да се поистоветува став на поединец кон извесна идеологија со намера или атак врз држава или народ.

Прво, кои се тие Македонци во Хрвтска на кои им пречи слободата на говор, односно моите лични ставови кон одредена политичка идеологија? Ставот дека секогаш најостро сум се спротиставувал и гласно сум говорел против сите репресивни системи, диктатури во секаков облик и фашизам во секоја негова форма е моја дефинитивна определба. Правото на демократски и критички однос кон се што сметам дека е аномалија во која било земја во светот, не ми е одземено со тоа што раководам со Агенцијата за филм. Напротив, сметам дека одговорност и обрска е на секој поединец да реагира кога ќе забележи неправда. Сигурен сум дека сите свесни граѓани на Република Хрватска независно дали се Хрвати или Македонци исто така го делат мислењето дека земјата во која живеат треба да биде демократска и дека сите и најмали облици на ретроградни репресивни системи треба да бидат предмет на осуда.

Голем дел од мојот професионален живот го поминав и во Хрватска, така што длабоко ме вознемирува идејата некој мојата почит кон оваа држава и нејзиниот народ да ја искриви, изопачи и пренесе како сосема друг став. Мојот добронамерен однос кон Хрватска најдобро може да се илустрира со фактот дека секогаш сум се борел за нејзината афирмација преку пласирање на вистината. Во раните деведесети (1991,1992) со камерата бев на двата конвои „Либертас“ за пробивање на блокадата на Дубровник и моите снимени материјали стигнаа до целиот свет, со цел да се дознае за уништувањето на културното наследство.

Како човек посветен на филмот, уметноста и културата воопшто никогаш не сум останал имун на секаков облик на деструкција.

И на крајот на пишувањето дека „порталот истражувал малку за Тозија и неговото присуство во Хрватска веќе подолго време каде што бил „мрежно поврзан особено во филмските кругови со некои т.н. ‘филмски и културни фигури’, па со нив очигледно има одредени мотиви за пресметка со ХДЗ и Пленковиќ, кои отворено ги нарекува фашисти“ ќе одговорам: Порталот да истражи (а верувам дека им е добро познато) дека единствена пресметка, ако така може да се нарече е моето фронтално спротиставување на скандалозното пљачкосување на Агенцијата за филм што го направи Винко Грубишиќ и неговиот „Јадран филм“. И повторно, згрозен сум, но не и изненаден од сите долни и криминални намери овој човек кој имаше намера да го „олесни“ буџетот на Република Македонија за фантастични 4,6 милиони евра, чија цел е да го разниша мојот интегритет и да го релативизира скандалозниот криминал, кој за среќа беше осуетен и навреме спречен. Впрочем, криминалите на Грубишиќ се добро познати на хрватската јавност и на правните институцуии на Хрватска исто како и на нашите медиуми и нашиот правен систем.

Тоа што мене ме радува е дека, од еден обид македонската кинематографија да биде втурната во срам од неизмерни размери, парите на граѓаните да бидат подарени за интересите на режимски криминалци, успеав истите да завршат кај талентирани филмаџии кои со нивниот успех во изминативе две години ја крунисаа нашата кинематографија и ја исфрлија како блесок на светската филмска сцена. Тука би додал, верувам дека овој блесок ги заслепи завидливите и подли хиени кои сакаа нашиот филм да го видат на колена, а со нашите пари да возат скапи автомобили во Загреб или Будимпешта. Битката во која сум втурнат од самиот почеток кога одлучно решив да се спротиставам на Грубишиќ и лагите за фантомската серија тешка 4,6 милиони евра, очигледно и натаму трае. И додека некој се прпелка во омраза и со сета сила се обидува да ми наштети мене, останувам посветен на филмот, на вистината и почитта кон сите благородни идеи. На лагите и измамите може да потклекне само некој кому очите му се широко затворени, за жал, за цветот целиот свет е цвет но за трнот светот е трн.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.