Во централниот дневник на телевизија „Сител“, првиот човек на ДИК, Александар Даштевски рече дека првите апарати за отпечаток од прст требало веќе да стигнат, но оти се работи за процедури поврзани со документацијата.
– Тоа се 200 уреди кои ќе служат за обука на оние кои ќе управуваат со нив. Во понеделник доаѓаат инженерите од Германија – рече Даштевски, додавајќи дека откако ДИК ќе го донесе упатството за употреба и управување со апаратите, ќе започне едукацијата на избирачките одбори.
Апаратите, како што појасни, се специфични и гласањето ќе се одвива така што првично се става исправата за лична идентификација (лична карта или пасош) по што на екран излегуваат личните податоци за лицето. Со ставањето на прст, апаратот покажува дали лицето веќе има гласано. Ако веќе гласало, ќе свети црвено светло, а доколку не гласало, ќе свети зелено светло. Во случај кога лицето не е на вистинското избирачко место, на апаратот ќе се покаже жолто светло и информација на кое избирачко место треба да се упати гласачот.
– Во техничката спецификација за набавка ставивме дека апаратот треба да има и звучен сигнал – рече Даштевски.
Тој се надева дека со овој модел на гласање ќе се стави крај на сите незадоволства што се јавуваат по изборите и непризнавање на изборните процеси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.