Министерството за внатрешни работи отвори истрага за аудио снимката со гласот на пратеникот Павле Богоевски. Министерот Оливер Спасовски тврди дека предметот со пратеникот од позицијата ќе се третира како и секој друг случај, без оглед на тоа што се работи за пратеник.

– Без разлика дали некој носи некаква функција или не, тоа не е никаква предност за него, туку напротив, тој само има поголема одговорност. Затоа ниту јас, ниту колегите од МВР немаме никаква причина да не постапуваме за овој случај на начин како и за сите други случаи. Се работи за настан кој е во истрага, но и јавноста знае дека не станува збор за разговор што бил прислушуван од страна на институциите, туку бил сниман со мобилен телефон или друг уред. Добро е сето тоа да се расчисти затоа што сакаме да застанеме на патот на злоупотребата на снимањето и нарушувањето на приватноста на кој било човек. Што се однесува до сличниот случај во Прилеп, со прислушуваните разговори, истрагата е при крај и деновиве очекувам да биде поднесена кривична пријава, истакна Спасовски.

Иако политичките партии се согласија дека треба да се направи нарко-тест во СОбрание, претседателот на Собранието Талат Џафери донесе одлука дека нема основ за такво нешто.

Кодексот за етичко однесување не му дава право на претседателот на Собранието да утврдува одговорност на пратеник без формално покрената иницијатива ниту пак му дава надлежност во постапката за утврдување на сторени лесни и тешки повреди и изрекување мерки за пратениците, се вели во соопштението од Џафери.

Сите политички субјекти апелираат институциите да го истражат случајот.

Пред неколку дена, новоотворен профил на руска социјална мрежа објави аудио снимка во која Богоевски прави нарачка: според таканаречениот Илија Громовник – кокаин, а според пратеникот, масло од канабис за близок роднина. Богоевски самиот пријави во полиција нелегална набавка за здравствени потреби, но и нелегално снимање од таксистот што во тој момент го превезувал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.