Наша определба е да работиме во интерес на граѓаните, и ако министрите на ВМРО-ДПМНЕ ги имаат истите мотиви нема да има проблем да работиме за доброто на граѓаните и на државата. Во таа насока беше и денешната средба со министрите на ВМРО-ДПМНЕ веднаш после седницата на Владата и се договоривме дека токму тој интерес ќе ни биде во прв план и дека тоа е причина нашите капацитети да ги издигнеме над дневно-политичките игри и пресметки и да направиме значителен исчекор напред во односите меѓу политичките субјекти, истакна техничкиот премиер  Оливер Спасовски во интервјуто за Македонска телевизија.

Според него, во овој период Владата првенствено треба да се грижи за воспоставување услови за организирање и спроведување на фер, демократски и кредибилни избори.

На прашањето дали има план за одговор доколку опозициските назначени функционери започнат да објавуваат случаи на незаконско работење на функционери од СДСМ, претседателот на Владата Спасовски нагласи дека има огромна разлика до 2017 година и од 2017 наваму.

„Неспоредливо е тоа што го наследивме во 2017 година како потврдено сериозно прекршување на демократијата и злоупотребата на институциите од масовното прислушкување до најсериозните коруптивни и криминални случаи на поединци во Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Да ги спомнам само кумановските настани, убиството на Мартин Нешковски,заробената демократија, заробени медиуми… Денеска ситуацијата е сосема поинаква. Владата на СДСМ и на коалицијата го врати владеењето на правото и докажа дека пред правдата сите се еднакви, без разлика до каде и до кого ќе стигне секоја истрага“, нагласи техничкиот премиер Спасовски.

Употребата на уставното име на државата е законска обврска на избраните и именувани функционери и државни службеници, рече премиерот Спасовски во интервјуто, и додаде дека министрите на ВМРО-ДПМНЕ сегаофицијални лица на државата и во таа насока имаа добар старт кога ги потпишаа изјавите за избор на министри во Владата на меморандум со уставното име на државата – Република Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.