Техничкиот премиер Оливер Спасовски, се сретна со резидентни амбасадори од земјите-членки на Европската унија, во нашата држава.

На состанокот силно се поздравени заложбите на премиерот Спасовски и на Владата за продолжување на реформите, за продолжувањето на дијалогот со опозицијата, за јасните определби од Владата за почитување на добрососедските односи и договорите со Република Грција и Република Бугарија, за спроведување фер избори, што се од значење за стабилноста на граѓаните и нашата држава и за интеграциите во НАТО и кон ЕУ, пишува во соопштението испратено до медиумите од владината прес-служба.

Оценето е дека ова се значајни обврски, сериозно сфатени од Владата, којашто функционира со полн капацитет, какви што се државните потреби, во овој клучен период кога Република Македонија очекува да стане полноправна членка на НАТО и оствари напредок во евроинтеграциите. Изразено е очекување дека на тоа ниво на одговорноста ќе бидат сите политички субјекти во земјава.

На средбата е потврдено дека Македонија ги спроведе потребните реформи и е оценето дека фокусот кон нивната натамошна реализација е позитивен сигнал кон земјите членки на ЕУ, за цврстата определеност за усогласување со европските стандарди и вредности.

Соопштено е дека во следните месеци Западен Балкан повеќе од секогаш ќе биде во фокусот на Европската унија, како и дека проширувањето на ЕУ останува на врвот на европската агенда.

Благодарни сме на поддршката и на пораките на политичките лидери на вашите земји дека одлуката за почеток на пристапните преговори со нашата земја треба да се донесе и што проширувањето на ЕУ се држи високо на агендата на европските институции, рече Спасовски, кој на средбата ги соопштил владините приоритети.

На средбата беше констатирано дека носењето на Законот за јавно обвинителство, иако не е услов за евроинтеграциите, ќе биде добра порака за определеноста на сите политички субјекти во земјава кон дијалог и кон владеење на правото.

Нагласено е дека во важните моменти за државата е недозволиво политиканство од кој било претставник на извршната власт или од политичките субјекти и дека е неопходно, сите во земјава, државните приоритети да ги стават во прв план.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.