Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се обрати на свеченоста по повод Денот на полицијата 7 Мај кое се одржа во кругот на Министерството за внатрешни работи.
Министерот нагласи дека полицијата се соочила со многу предизвици кои биле резултат на општествено-политичките текови во земјата, но и резултат на негативни исуства во минатото.
Денес МВР веќе јасно ги има контурите на институција која што претставува заштитник на слободите и правата на граѓаните, на нивната сигурност и безбедност, како и на сигурноста и на безбедноста на општеството во целина, посочи Спасовски додавајќи дека полицијата зачекорила во период на интензивни и динамични реформи, работејќи заедно со меѓународни партнери, академската јавност и граѓанското општество.
Министерот нагласи и дека полицијата, како реален сервис на граѓанте, ја очекуваат и нови, важни задачи, чија што основа е владеењето на правото.
Нашата држава, после деценискиот застој, направи извонредно голем чекор напред во конечното остварување на примарната стратешка цел на државата – наше целосно, полноправно асоцирање во евро-атлантските интеграции. Тој чекор мора подготвено да го следат сите институции на системот и следствено на него да се надградуваат, унапредуваат, професионализираат, стандардизираат. Полицијата тоа, без дилема го прави, истакна тој.
Обраќајќи им се на сите припадници на МВР, министерот порача:
Почитувани колеги, припадници на министерството од вас, од нас граѓаните очекуваат да бидеме вистински и бескомпромисни чувари на законитоста, на редот и поредокот, на сигурноста и безбедноста на секој граѓанин. Јас сум вашата поддршка и заедно ќе одговориме на новите предизвици.
Одбележувањето на Денот на полицијата започна со положување цвеќе на споменикот на загинатите припадници на МВР. Почит оддадоа министерот Оливер Спасовски и претставници на роднините на загинатите припадници на МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.