Повеќе од 6000 тужби му тежат на буџетот на Министерството за внатрешни работи по основ неисплатена 13-та плата. Во евиденцијата на Одделот за правни работи во министерството за исплата на бонус плата за 2017 година заведени се 2900 тужбени барања, а за исплата на бонус плата за 2018 година заведени се 3379 тужбени барања, потврдија од МВР за „Република“.
Со поднесената тужба пред надлежен суд тужителот своето право и исплатата на бонусот за конкретна година ги остварува во судска постапка. Доколку тужителот ги исполнува законските услови, исплатата се врши согласно правосилна и извршна пресуда, односно на сите тужители што го исполнуваат условите за бонус плата, паричните средства во утврдената висина за просечна плата им се исплаќаат согласно правосилна и извршна судска одлука, велат од МВР.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во декември објави дека на 1624 вработени во МВР им е исплатена бонус плата за 2017 година во висина од 22928 денари.
Пред една година, кога беше назначена техничка влада и функцијата технички министер за внатрешни работи ја презеде Наќе Чулев, објави дека буџетот на Министерството е за внатрешни работи е сериозно оштетен од, како што рече, недомаќинското работење на својот претходник Оливер Спасовски.
Од доаѓањето на Оливер Спасовски бројот на судски постапки против Министерството за внатрешни работи од година на година постојано се зголемува. Во 2017 година се евидентирани вкупно 2226 тужби, 2018 – 2362 тужби и во 2019 година се евидентирани 3574 тужби за спорови за права од работен однос на вработените во МВР. Најголемиот дел од оваа бројка се однесува на надоместоци од работен однос каде во 2019 година има за околу 50% зголемување во однос на 2017 година, рече Чулев.
Бонус-платата за 2019 година на вработените во МВР им беа исплатени во почетокот на 2020 година, а на средба со претставници на синдикатите во ноември 2020 година Спасовски соопшти дека во наредниот период ќе биде исплатена бонус плата за вработените во МВР за 2017, 2018 и 2020 година.
На овој начин и вработените ги добиваат парите кои им следуваат согласно колективниот договор, а и Министерството нема да се изложува на непотребни судски трошоци по тужбите на вработените, рече Спасовски.
Досега 13-та плата за 2017 година зеле само 1624 вработени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.