Постигнувањата на земјата во однос на исполнување на препораките од заедничкиот Акциски план за борба против тероризмот се неспоредливо позитивни во изминатиот период. Посебно значајни резултати се постигнати во 2020 година, кога беше сузбиена 11-члена терористичка организација, а во рамки на случајот беше запленета и поголема количина оружје, муниција и експлозив, истакнал министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на министерскиот форум „ЕУ-Западен Балкан“ во Брдо кај Крањ во Словенија.

Во рамки на овој форум Спасовски остварил билатерални средби со координаторот на ЕУ за борба против тероризмот, Илка Салми, еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон и директорката на Европската канцеларија за поддршка во областа на азилот (ЕАСО), Нина Грегори.

Како што соопштија од МВР, на средбата биле поздравени остварувањата во текот на 2020/2021 од аспект на 11 донесени правосилни пресуди од областа на борба против тероризам, со кои е изречена казна затвор на 11 лица, како и преземената солидарна одговорност на Македонија, како земја членка на НАТО, активно да се вклучи во заложбата на меѓународната заедница да ги заштити цивилите изложени на ризик во Авганистан, кои биле вклучени во демократските промени во земјата и работеле со меѓународни организации и агенции.

Притоа, министерот Спасовски го нагласил огромното значење на поддршката од пријателите, институциите и земјите членки на Европската Унија во исполнување на приоритетите во ова област.

Билатералната средба со еврокомесарката Илва Јохансoн поминала во знакот на повеќе прашања од аспект на внатрешните работи, а акцентот бил ставен на миграцијата и борбата против организираниот криминал.

Од МВР посочија дека за време на разговорите бил нотиран значителниот напредок на државата во областа на правдата, слободата и безбедноста и вложените напори за исполнување на потребните критериуми, што резултираше со препорака за отворање на пристапните преговори без никакво одлагање согласно последниот извештај на Европската комисија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.