Уставните начела и закони ќе се почитуваат и тоа начело за неповредливост на станот или на домот е начело што нема алтернатива и мора да биде почитувано – истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање како полицијата ќе ја спроведува мерката за контрола за проверка на домовите и дали ќе и треба на полицијата налог од Суд.

За тоа дали има механизми за проверки и контроли, Спасовски потврди дека има и појасни оти и сега има такви потреби и врз основа на тоа се прават такви контроли. Тој повика да се почека Владата да ги донесе одлуките и потоа да се одговори на сите дилеми што постојат кај граѓаните

Не би сакал да разговараме сега кога не се усвоени на Влада, за обликот на тие мерки и што треба да опфатат. Ќе ги слушнеме мерките и аргументите на здравствените власти за секоја од мерките и тогаш ќе се донесе одлуката на Владата. Граѓаните треба да знаат дека постапувањето на полицијата ќе биде исклучиво во заштита на уставните начела и на законските норми – изјави Спасовски, кој денеска учествуваше во хуманитарната акција „Месец на хуманост – Гази Баба се грижи“.

Спасовски потенцира дека неповредливоста на домот е уставна категорија и тоа е свето нешто за секој граѓанин и тоа никој не може да го загрози, меѓутоа, истакна дека одлуките што ќе бидат донесени, а се во функција на заштита на животот и здравјето на граѓаните, секако дека ќе бидат предвидени и ќр има соодветни механизми на котрола и на нивното спроведување.

Ова е предлог што го дава Комисијата за заразни болести, а јас не учествувам и немам надлежност да разговарам, ова е од аспект на струката, на тоа што тие го процениле од здравствени аспект. Тие предлози треба да дојдат на Влада, да бидат образложени и врз основа на тоа да биде донесена одлуката, а каква одлука ќе се донесе ќе видиме по седницата на Влада – појасни Спасовски.

Прашан дали смета дека треба да биде дел од Комисијата за заразни болести, Спасовски одговори дека апсолутно нема потреба ниту тој, ниту кој било од македонската полиција да биде дел од оваа Комисија.

Што е тоа што ние ќе понудиме. Ние треба да ги чуеме аргументите на здравствнеите власти. Комисијата за заразни болести и здравствените власти треба да ги оставиме да одлучуваме врз основа на наука. Не треба да бидам член затоа што ниту јас, ниту кој било од МВР не можеме да одговориме на прашања поврзани со здравствениот аспект, апредлозите доаѓаат на Влада и имаме можност да ги кажеме нашите аргументи и за тоа да донесеме одлука – вели министерот за внатрешни работи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.