Во услови на вонредна состојба институциите ќе бидат ригорозни, ќе вршат интензивни контроли за да го заштитат здравјето на граѓаните. Полицијата и инспекциските служби ќе бидат максимално ангажирани. За секој што не ги почитува препораките и потпишаните изјави за самоизолација, ќе има сериозни санкции, не само парични, туку и затворски, рече попладнево техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Во изјава за Македонската радиотелевизија, Спасовски информира дека утре ќе бидат донесени првите владини одлуки за рестриктивни мерки, но тоа не значи дека животот нема да тече нормално и дека сите граѓани треба да се упатат во маркети и да купуваат залихи.
Ограничување на движењето на граѓаните, ограничување на собирите повеќе од сега, ограничување на некоја работа, се само некои од мерките кои можеби ќе бидат донесени.
Ова е тешка состојба во која првпат се наоѓаме и која не обврзува сите, и институции и граѓани и стопанство и медиуми, да бидеме заедно за да ја добиеме битката. Сите сме одговорни. Мора да се почитуваат владините одлуки, секој да понесе дел од одговорноста за справување со коронавирусот. Воведувањето вонредна состојба всушност ги концентрира сите инструменти на ефикасност во Владата. Се остава простор за носење уредби со законска сила, да се променат одредени законски решенија во фунцкија на справување со коронавирусот, потенцира Спасовски.
Повтори и дека зависно од условите, вонредната состојба може да се продолжи и по 30 дена.
Според него, има доволно залихи на храна во маркетите и во државните резерви. Транспорот на стоки не е запрен, има посебни протоколи договорени со државите во регионот. Нема да запре ниту производството, ниту размената на стоки. Напротив, ќе биде набавено сè што е потребно. Здравствениот систем има капацитет да се справи со ситуацијата и засега тоа одлично го прави. Паралелно, се води сметка и за економијата, а на стопанството мора да му се помогне.
Можно е да имаме повеќе болни со оглед на очекувањата дека вирусот ќе се шири. Затоа треба да бидеме подготвени, а ако сме свесни дека здравјето и животот се најважни, најмалку што можеме да напрваиме е да останеме дома, порача Спасовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.