Истрагата во овој дел за случајот со Сашо Мијалков мора да покаже за тоа каде е пропустот, во кој дел од системот и системот да се консолидира за да не ни се повторуваат вакви настани во иднина. Истрагата мора да покаже дали некој помогнал и кој е тој и да се види каде е проблемот во целокупниот систем на функционирање, за да бидеме осигурани дека правдата ќе биде задоволена.
Ова вечерва го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата Трилинг на ТВ 24, кој нагласи дека треба сериозно размислување како ќе се продолжи и понатаму и во овој случај и во другите случаи во кои е осомничен Мијалков.
На изјавата на обвинителката Вилма Русковска дека не верува оти Мијалков може вторпат да избега, Спасовски смета дека, како што рече, ако еднаш посегне да украде, може да украде вторпат, ако еднаш се обидел да избега, може да избега и вторпат….
МВР ќе го обезбедува Мијалков и секој друг што е обвинет врз основа на решение на судот, од моментот на изрекување на решение за притвор па се до моментот на завршувањето на притворот.
На прашањето дали странски служби и дел од наши пријателски и влијателни амбасади беа вклучени и помогнаа во пронаоѓањето на Мијалков, министерот Спасовски потенцира дека институциите на системот во РС Македонија функционираа координирано и заеднички со цел да биде обезбеден и изведен пред правдата.
Според Спасовски, во МВР не постојат електронски алки или уреди, во времето на Владата на ВМРО – ДПМНЕ се обезбедени електронски алки во Агенцијата за изрекување санкции и тие се однесуваат за издржување казна домашен затвор.
Ние немаме електронски алки или електронски систем за ЏПС следење на кој било што се наоѓа во притвор, изјави министерот Спасовски, додавајќи дека МВР, Мијалков го безбедува физички со 24-часовно присуство на полицијата.
На прашањето дали е категоричен дека не пребегал во Белград, Спасовски потенцира дека апсолутно не, Мијалков бил во нашата држава.
Се направија низа чекори од страна на инситутциите пред се во однос на тоа да детектираме кој може да помогне, значи членовите на неговото приватно обезбедување, членовите на неговото семејство и целокупниот имот што го поседува без еден од начините за да можеме и да дојдеме до него и да биде задоволена правдата. Кој е инволвиран во бегството, верувам дека на крајот од истрагата ќе се покаже. Една работа е што не донесе до тоа да се случи, кои се пропустите во системот и второ кои се помагачите и извршителите, Тука мора да има одговорност, рече Спасовски.
Прашан каде се кртовите, според Спасовски секаде можат да бидат и во МВР и во Обвинителството, и во судството и во тајната полциија. Нема институција која до 2017 година не беше окупирана од режимот, Окупацијата на институциите во тој период отвора можности да постојат многу луѓе да пренесат какви било информации.
На прашањето каде бил Мијалков во тие неполни два дена, Спасовски одговори дека треба да се ценат сите околности во однос на било кој обвинет во државата заради тоа што единствено според Законот за кривична постапка, кој може да даде било каков предлог за обезбедување на кој било обвинет е Јавното обвинителство до судот, а се ценат врз основа на повеќе параметри, а еден е сигурно функцијата на која бил обвинетиот, контактите што ги имал, дали поседува имот, патни исправи што се од други држави и друго, и врз основа на тоа да се бара да има засилени мерки на обезбедување.
Во моментот кога беше дадено решението да се врачи на обвинетиот Сашо Мијалков за да издржува мерка домашен притвор беа посочени локациите каде тој може да се наоѓа. Откако беше побаран на сите локации и не беше најден, ние го информиравме судот и тоа беше доволна претпоставка да се распише и национална и меѓународна потерница, појасни министерот Спасовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.