Во текот на изминатото деноноќие, во периодот од 07.00 часот на 6 август 2021 до 07.00 часот денеска во активностите за гаснење и превенирање на пожарите на територијата на Република Македонија, од страна на Министерството за внатрешни работи беа ангажирани околу 616 полициски службеници, како и 224 мото-патроли и 189 возила.
За ова време министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се сонча на турското сонце. Тој го користи годишниот одмор од 3 до 12 август.
– На 6 август 2021 во 19.05 часот, во врска со пожарот во с.Добридол, гостиварско, кој е локализиран, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода Н.Б.(34) од истото село. Поради постоење основано сомение дека го предизвикал пожарот, Н.Б. е приведен и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок, наведоа од МВР.
Оттаму истакнаа дека во текот на посочениот период, во СВР Струмица-ОВР Радовиш, во врска со пријавениот настан – пожар од 6 август 2021 година во с. Дамјан, радовишко, бил лишен од слобода прво И.О(28), а набрзо потоа и С.А.(23), двајцата од с.Тополница. За случајот известен е и јавен обвинител од ОЈО Струмица и по негови насоки се работи на расчистување на случајот.
– Од страна на полициски службеници од СВР Битола-ОВР Прилеп околу 06.15 часот бил лишен од слобода М.Е.(34) од Прилеп, поради постеоње основи на сомнение дека го подметнал пожарот на место викано Дабница. Во координација со Јавен обвинител против него ќе биде поднесен соодветен поднесок, информираа од МВР.
Од Министерството посочија дека во врска со пожарот во семејна куќа во с.Челопек, Министерството за внатрешни работи согласно законските прописи постапува по насока на Јавен обвинител и во координација со Јавен обвинител од ОЈО Куманово, полициски службеници извршија детален увид на местото на опожарената куќа во Старо Нагоричане. Откако не се пронајдени остатоци кои укажуваат на опожарено лице, распишана е потрага по лицето, по која веќе се постапува од страна на Отсекот за потраги.
МВР апелира строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар. Неопходна е, како што истакнаа, максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.