Претседателот Стево Пендаровски за денеска свика седница на Советот за безбедност, за справувањето со ширењето на коронавирусот и за понатамошните чекори на надлежните институции. Во Советот за безбедност учествуваат, покрај претседателот на државата, и премиерот, како и министрите за здравство, за внатрешни, за надворешни работи и за одбрана, претседателот на Собранието, началникот на Генералштабот на Армијата, како и експерти по избор на шефот на државата.
Претседателот Пендаровски смета дека се исполнети условите за прогласување кризна состојба на дел или на целата територија, но најави дека ќе ја разгледаат и можноста за прогласување вонредна состојба.
Неколку години по ред имаме кризна состојба на јужната и северната граница. Кризна состојба се прогласува на предлог на Влада до 30 дена, а надвор од тоа Собранието може да продолжи. Ние неодамна ја продолживме таа кризна состојба на северната и на јужната граница во врска со мигрантската криза и потенцијалите таму нешто брзо да ескалира во негативна насока па да можеме да се справиме, меѓутоа можно е да се прогласи и кризна состојба во врска со епидемијата. Понатаму, постои можност за кризна состојба на цела територија поради вирусот бидејќи тоа е закана за националната безбедност. Неспорно е дека може да се прогласи и според Законот за управување со кризи. Третата варијанта, а морам да кажам дека сме многу далеку да донесеме таква одлука, е воведување вонредна состојба според членот 125 од Уставот, член кој никогаш не е активиран затоа што имало проценка дека тоа не е неопходно и која ако затреба точно ја покрива состојбата со заразни болести, односно загрозување на здравјето на граѓаните од поголем обем. На седницата на Советот за безбедност во понеделник ќе ги разговараме сите овие опции“, рече Пендаровски.
Негова лична оценка е дека вонредна состојба не треба да биде воведена, но остави можност да се размислува и за таа опција во зависнот од новите информации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.