Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска денеска ги информираше членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците за работата на ДКСК во изминатата година. Потенцираше дека состојбата со корупцијата во земјата е многу сериозна.
Состојбата со корупцијата е сериозна и неопходни се натамошни чекори за зајакнување на материјално-техничките и човечките капацитети на надлежните институции, нивна независност и проактивност во постапувањето, истакна Ивановска наведувајќи претходно наводи од Извештајот на Европската комисија, Извештајот за Македонија во рамките на Петтиот круг на оценка на ГРЕКО, а во Годишниот извештај на ДКСК се наведува и Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернејшенел (ТИ).
Ризиците од корупција нотирани во претходно наведените извештаи, како што се наведува, се исто така препознаени и обелоденети во ревидираната Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за што се предложени соодветни мерки и активности во Акциски План 2021-2025 година за нивно надминување.
Според Ивановска, новиот Закон за спечување на корупција и судир на интереси кој беше усвоен во јануари 2019 година ги зголеми и зајакна надлежностите на антикорупциската комисија и обезбеди поефективни механизми за постапување, со што се зголемија и очекувањата на јавноста за поефикасно спречување и борба со корупцијата. Претседателката на Комисијата нагласи дека 2020 година ќе остане запаметена како година на борба за заштита на јавното здравје на светско ниво поради ефектите на Ковид-19 пандемијата, во Република Македонија годината 2020 ќе биде запаметена како година со четиримесечен период на „вонредна состојба“, осуммесечен период на „Техничка влада“, година на „предвремени Парламентарни избори-2020“ и 10 месеци работење во Ковид-19 услови.
Зголемената свесност и храброст на граѓаните да пријавуваат незаконитости и нерегуларности во работењето на службените лица придонесе ДКСК во текот на 2020 година да прими 550 пријави од граѓани со сомневања за постоење коруптивно однесување, злоупотреба на јавната функција, постоење на судир на интереси и оформи 102 предмети по сопствена иницијатива – рече таа.
ДКСК од областа на корупцијата донесе одлуки по 378 предмети, за судир на интереси одлуки за 157 предмети, за непочитување на забраните во текот на изборен процес одлучи за сите 33 пријави, додека по проверка на податоците од анкетните листи одлучи по 38 пријави. Комисијата во изминатата година исто така изврши ревидирање на Национална стратегија за спречување на корупцијата и судир на интереси поради нејзино неусвојување од претходниот парламентарен состав поради изборите, изврши антикорупциска проверка на седум закони, започна реализација на повеќе проекти поддржани од домашни и меѓународни организации, се донесоа нови акти за организација и систематизација на работните места во Секретаријатот на ДКСК, седниците на ДКСК се одржуваат онлајн, а медиумите можат да ги следат.
Проблемот со несоодветниот простор, недоволниот број на вработени и ограничените средства за набавка на потребниот софтвер, и во текот на 2020 година беа ограничувачки фактори кои значително влијаеја врз ефикасното работење на ДКСК – рече Ивановска.
Презентирајќи го Годишниот извештај, меѓу другото, таа посочи дека и во 2020 година, како и во 2019 најголем број на поднесените пријави се со наводи за постоење сомнеж за коруптивно однесување на службените лица. Правосудните органи, извршната власт, институциите кои одлучуваат во сферата на урбанизмот и општините, се перцепирани како области со најголем ризик од корупција, злоупотреба на службена должност и можност за судир на интереси. Анализирајќи за кои појави или процеси најмногу се наведуваат состојби на незаконско постапување, со опфатените пријави исто така се потврди фактот дека најмногу се пријавува за злоупотреба на службена должност при вработувањата, издавањето на разни дозволи решенија (за градење), постоење судир на интереси, при донесување судски одлуки и т.н.
Користејќи ги податоците на делумно обработените пријави доставени во областа на корупцијата, повторно се потврдија ризиците кои ДКСК ги утврди во Националната стратегија во однос на законските обврски и надлежности на државните институции. И понатаму процесите кои се однесуваат на работните односи, издавањето на дозволи, одобренија, лиценци… се активности со најголеми ризици со коруптивни активности од страна на одговорните лица.
ДКСК постапуваше и по случаи за судир на интереси, проверка на имотна состојба на функционерите, за бесправно изградени објекти, финансирање на изборната кампања, како и по предмети отворени по Закон за укажувачи.
Пратеникот Панчо Минов зборуваше за делот на судир на интересите и побара да се разграничи што е приватен интерес, а што е јавен интерес за пратениците. Смета дека треба да се промени Законот за корупција за сите функционери, односно Законот за пратеници за народните избраници.
Гордана Силјановска Давкова пратеник од ВМРО-ДПМНЕ се согласи со предлозите на Минов, и рече дека што поскоро мора да се пристапи кон измена на законите. Се согласи дека во Изборниот законик има недокажаности особено во однос на министри и градоначалниците. Во врска со Парламентите, Силјановска Давкова рече дека во повеќе европски законодавни домови има Комитет за етика, каде што пратениците се должни да пријават секоја финансиска промена. Кажа дека предлозите на ДКСК за измена на одредени закони не стасале до пратениците.
Според пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ дека борбата против корупцијата не е приоритет на Владата покажува фактот дека ДКСК не е сместена во соодветни простории, како и дека не се обезбедени добри услови за изработка на софтвер. Милошоски обвини дека четворица министри ги довеле во заблуда членовите на ДКСК дека нема доволно средства за опремување на просториите. Милошоски укажа и на други случаи со сомнеж за корупција или судир на интереси, меѓу кои и последниот со претседателката на судскит совет Павлина Црвенковска. Пратеникот потенцира дека ДКСК може да добие поголема поддршка од јавноста за својата работа само со транспаретност и преку медиумите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.