Нема напредок во однос на дискусијата за учебниците по историја за седмо одделение по прашањата поврзани со средновековието, а она за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување, воопшто не е ниту отворено.
Вака заврши дводневниот состанок на Заедничката мултидисциплинарна македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, кој беше дванаесетти по ред и заврши денеска.
Состанокот беше онлајн и за „резутатите“ информира МНР преку соопштение.
На маса биле прашањата поврзани со содржината на Записникот од 10. средба, изготвување на препораки за учебниците по историја за надминување на споровите кои произлегуваат од различните и исполитизирани толкувања на минатото и усогласување на текст- препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев.
Членовите на Комисијата го усвоија записникот и договорено е во текот на март, членовите да работат на усвојување на записникот од 11. средба и Годишниот извештај на Комисијата.
Но, затоа напредок нема во однос на учебниците по историја, како што тоа беше и на претходната средба.
„И покрај конструктивната дискусија и желбата да се постигне напредок, не беше постигната согласност во однос на прашањата поврзани со средновековието. Остануваат големите разлики во пристапите и разбирањето на улогата на историското образование и образовните политики“, велат од МНР.
Поради тоа што најголем дел од времето било окупирано токму од дискусијата за учебниците по историја, на оваа средба, Комисијата не го отворила прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување, иако беше на дневен ред.
Дискусијата по овие теми, како што најавуваат од МНР, ќе продолжи на следната средба на Комисијата, која треба се одржи на 22 и 23 април.
Претходната средба на Комисијата беше на 22 јануари и беше посветена на усогласување на содржината во записниците од деветтата и десеттата средба и, според изјавата, надминати се неколку прашања поврзани со содржината на записникот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.