Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков веќе трет ден по ред е во центарот на вниманието на јавноста, која по вчерашниот бурен политички ден, не престанува да бара одговори на многу прашања и дилеми кои се наметнаа по прес-конференциите на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и на премиерот Зоран Заев, но и по ненадејното појавување на Мијалков во Обвинителството за борба против организиран криминал, додека полицијата го бараше „под секој камен“ и со национална и со меѓународна потерница.

Откако тој вчера од Обвинителството го подигна решението за куќен притвор, коешто му беше изречено поради опасност од бегство, од синоќа со засилено полициско обезбедување се наоѓа во неговиот дом на Водно. Таму ќе остане се’ до петок, кога треба да биде спроведен во судот за да ја слушне пресудата за предметот за незаконското прислушување наречен „Таргет – Тврдина“.

Дали Мијаков два дена бил болен и „горел“ со температура од 40 степени, или власта го осуетила неговиот план за бегство надвор од државата? Зошто „бегалецот“ во пресрет на петочната пресуда повторно заврши во куќен притвор, ако се обидел да избега? Каде се криел два дена и зошто полицијата не можела да го пронајде? Дали неговото ненадејно појавување во Обвинителството ќе биде земено како олеснителна околност во постапката или не? Кои се кртовите коишто му помогнале во неговиот план за бегство? Која е заднината на случајот – има ли некаков таен договор? Ова се прашањата што ги постави Дојче Веле на македонски јазик

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека јавноста не треба да се сомнева во евентуален скриен договор со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, бидејќи такво нешто не е возможно. Во гостување на „Утрински брифинг“, тој рече дека се борат против криминалните структури, а договор со нив не може да има.

„Прво, ако Заев или кој било друг од СДСМ сакал да се пазари за што било со Мијалков, Груевски, со таа криминална структура во државата – ние тоа ќе го правевме во моментите кога започнавме една сериозна битка со нив, во однос на објавувањето на прислушуваните разговори. Но, ние во ниту еден момент не сакавме да преговараме, бидејќи сметавме дека се направени сериозен криминал и злодело за кои треба да се одговара. Можевме да преговараме и да видиме што ќе се случува и за 27 април, но ние не влеговме во никакви преговори. Одлучивме дека мора да се испочитува волјата на мнозинството во Собранието, дури и по цена на сопствените животи“, рече Спасовски.

Но, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат дека во заднина има некаков договор. Велат дека Македонија е единствената држава во светот каде еден бегалец од правдата, откако ќе фатен завршува во куќен притвор.

„Системот за којшто самиот Оливер Спасовски говореше дека не функционира, всушност е нивната власт. Тоа е така затоа што власта на Заев целиот систем го впрегнала во заштита, компромис и пазарење со криминалот. Јавноста препознава договор со анекси. За да го пуштат, па анекс договор за да дојде. Поради силните и бурни реакции на граѓаните и надворешни фактори мораа да отстапат од планот“, порачаа од партијата.

За првиот човек на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, вчерашните случувања потврдуваат сценарио за договор меѓу Мијалков и Заев и се потврда дека по 27 април, двете страни се во соработка. Од Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива поднесоа барање за гласање доверба за министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

„Една ноќ пред сето тоа неговите деца не знаат каде е татко им, а бил болен и изолиран. Најскандалозна е одлуката што Мијалков пак е во домашен притвор“, изјави Села.

Ваквите сомнежи се подгреаја откако Обвинителството за организиран криминал и корупција во неделата бараше притвор за Мијалков. Но, Кривичниот суд се одлучи сепак да му изрече само куќен притвор. Откако полицијата не го пронајде Мијалков во неделата, Обвинителството поднесе жалба. Пред тој сам да се пријави, жалбата беше повлечена, по што екс-шефот на тајната полиција сам се појави за да го подигне решението за куќен притвор.

Обвинителката Вилма Русковска изјави дека жалбата била повлечена непосредно пред Мијалков да се појави во Обвинителството.

„Самиот претседател на судот побара жалбата да биде повлечена зашто решението дотогаш не беше спроведено“, рече вчера Русковска.

И додека таа изрази задоволство што Мијалков сам се појавил во Обвинителството и најави дека тоа би можело да биде олеснителна околност, премиерот Зоран Заев претходно на прес-конференција го тврдеше спротивното:

„Неговото пријавување во обвинителството не смее да се смета за олеснителна околност ниту за овој, ниту за никој друг случај“.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески за ТВ 24 вечерва изјави дека жалбата за притворот на Сашо Мијалков е повлечена кога полицијата го бараше, но оваа мерка може да се промени по изрекување на пресудата во случајот „Таргет-Тврдина“ во петок.

„Жалбата е повлечена оти во тој момент решението за куќен притвор не може да се ефектуира со оглед дека обвинетиот бил во бегство. Обвинителството досега нема побарано измена на мерката куќен притвор со потешка мерка, со оглед на тоа што се оценува дека и со оваа мерка се обезбедува присуство. Во петок е објавувањето на пресудата, ќе се разгледуваат мерките за присуство на обвинетиот“, најави Јовески.

Целиот текст на ДВ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.