Тимови за спасување и компании од Струшко-охридскиот регион веќе се испратени да помогнат во Албанија по силниот земјотрес, а лекарски тимови ќе добијат инструкции како треба да делуваат, информира премиерот во заминување Зоран Заев при учеството на денешната трибина со здравствени работници во Скопје.

Нашата земја уште од рано сабајле ги донесе сите одлуки да асистира на пријателска Албанија поради трагедијата што се случи. За жал веќе има констатирано седум жртва, рече премиерот во заминување.

Тој додаде дека голем број компании од струшко-охридскиот и кичевски регион што работат на патиштата ќе испратат градежна механизација за расчистување.

Тој претходно на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ изрази сочувство за жртвите од земјотресот во Албанија и понуди помош и поддршка. Како што истакна, во комуникација се со институциите на Албанија и оти земјава е подготвена да ја пружи сета неопходна помош и поддршка.

Претседателот Стево Пендаровски во телефонски разговор со албанскиот претседател Илир Мета изрази длабоко сочувство за жртвите и повредените во земјотресот што рано изутрината ја погоди Албанија.

Пендаровски, како што информира неговиот кабинет, му понуди поддршка на претседателот Мета, а претседателскиот е во постојана координација со владиниот кабинет, преку заедничка синхронизирана активност да им се пружи помош и поддршка на семејствата на загинатите и повредените граѓани на Албанија.

Претседателот Пендаровски упати и телеграма со сочувство до претседателот Мета во име на македонските граѓани.

Со длабоко жалење ја примив веста за земјотресот кој предизвика вистинска трагедија во Република Албанија и длабоко жалам за загубените животи и огромните штети од оваа ужасна природна катастрофа. Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и семејствата на жртвите, повредените и оние кои останаа без своите домови, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име да Ви упатам изрази на длабоко и искрено сочуство, вели Пендаровски во телеграмата.

Тој е уверен дека хуманоста и солидарноста ќе помогнат во ублажувањето на последиците од, како што вели, оваа голема трагедија.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов објави дека во договор со градоначалникот на Тирана, Град Скопје кон Драч ќе упати специјална екипа опремена со термални дронови за помош при пребарување на преживеани под рушевините.

Правиме сè што е можно за помош во овие трагични моменти, напиша Шилегов на „Фејсбук“.

Претходно вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи најави дека Владата на денешната седница како прва точка ќе ги разгледа сите можности за помош на Албанија по ноќешниот силен земјотрес. Дваесетина спасувачи во координација со Дирекцијата за заштита и спасување, информираше Османи, веќе се подготвуваат да одат во погодените места.

Телеграма со сочувство до институциите и граѓаните на Албанија, испрати и претседателот на Собранието Талат Џафери денеска, кој изрази искрено сочувство за жртвите од земјотресот и до нивните блиски семејства.

Потресот од минатата ноќ што се почувствува и во нашата земја, бил само почетокот на потресите кои на последователен начин сѐ уште ја тресат братска Република Албанија, Тирана, Драч, Туман… Длабоко сум потресен и изразувам искрено сочувство за жртвите од оваа несреќа и до нивните блиски семејства. Во исто време, со мисли, надеж и желба да бројот на жртвите не се зголеми, повредените да бидат со што помали здравствени последици и брзо оздравување, пишува Џафери во телеграмата.

Во оваа тажна пригода, како што посочува Џафери, кога природата на најдиректен начин ја демонстрира својата непредвидлива моќ и ги става во искушение трпението, солидарноста и сочувствувањето кон нашиот близок, кон соседот и кон човештвото воопшто, посакувам сите да пружиме рака на помош, искрени мисли на поддршка и храброст да гледаме напред и тогаш кога сме во најтажната состојба да сме уште пообединети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.