Собранието треба утре да продолжи со веќе почнатата 41. седница од минатата недела на која би се гласале сите точки што веќе биле усвоени на комисиите и за кои расправата завршила. Во четврток Собранието ќе одржи седница за постапување пратенички прашања.
Ова е договорено на денешната средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи.
За интерпелациите на министерот Бојан Маричиќ и вицепремиерот Љупчо Николовски, што се на дневен ред на 41. седница, на координацијата немало договор, но од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека тие остануваат за јуни.
Според информациите од Собранието, утре или задутре, би требало да биде закажана седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност на која би се расправало за законот за државјанство, по постигнатиот договор на Алијанса на Албанците и Алтернатива и СДСМ. Сепак дали ќе дојде до конечна разрешница во однос на ова решение ќе се знае откако предлозите ќе ги види и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива велат дека кога ќе помине нивниот предлог, кој по разговорите на лидерите, е делумно изменет, ќе ги повлечат нивните амандамни со кои се блокираат низа други закони.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, потврдуваат дека се уште не го виделе предлогот и оти за него дополнително ќе се изјаснат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.