Заев вети – Заев излажа. Три години празни ветувања дека сме го добиле датумот и дека отпочнуваме преговори со Европската унија, три години разочарувања за граѓаните, изјави на денешната прес-конференција Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Уште пред три години, Заев вети дека ќе си поднесе оставка доколку не почнеме преговори со ЕУ. Поминаа три полни години од сликата во авионот со која Заев не убедуваше дека веќе преговараме со ЕУ. Денес се случи она за што три години предупредуваме, а тоа е дека датумот за преговори со Европската унија е недостижен додека е Заев на власт. За жал Македонија останува и пред портите на ЕУ, и национално понижена. Има и две лоши тенденции. Едната е дека Заев крие што предлагал за македонскиот јазик и историја додека коленичел во Софија. Никој не знае кое е новото национално понижување на кое тој е подготвен да се согласи. Заев на овој начин трајно ги минира позициите на Македонија. И второто е што никој во македонската дипломатија не лобира за Македонија. Македонија овие денови требаше да има претставници во европските метрополи. Да бараат поддршка од сите европски лидери. Затоа што ние имаме европски пријатели, но со нив никој не комуницира. Но, европска поддршка за владина корупција не постои и не може да се бара, вели Андоновски.
Тој додава дека заради Заев довербата на граѓаните во политиката е на историскиот минимум. И доколку Заев не е подготвен за оставка – граѓаните се подготвени да му го покажат излезот.
Време е за промени. Нашата иднина е економски развиена држава членка на Европската Унија и НАТО. ВМРО-ДПМНЕ и во наредниот период ќе продолжи да лобира Македонија да го добие своето заслужено место помеѓу партнерите од Европската унија. Наша обврска е да се избориме заслужено преку реформи и стандарди да бидеме земја членка на ЕУ. Но, тоа да го направиме како македонци од Македонија кои зборуваат македонски јазик. Без загрозување на виталните национални интереси. Македонија за сите луѓе, а не само за претставниците на власта, истакнува Андоновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.