Комисијата за заразни болести вчера предложи дека за престојниот продолжен викенд, полицискиот час треба да почне в сабота во 19 часот и да заврши во 5 часот во вторник.
Причината, според министерот за здравство Венко Филипче, се должи на непочитувањето на мерките од страна на одредени граѓани, а зголемениот број новозаразени со Ковид-19 е поради настаните и семејните собири што се случувале изминатите денови. Надлежните сметаат дека со ваква ригорозна мерка ќе се постигне вистински ефект.
Предлог поради најголемиот муслимански празник Рамазан Бајрам да важи 58-часовна рестрикција за движење, Комисијата го достави вчера до Владата, која се очекува да донесе одлука денеска. Досега беа прифатени сите препораки од Комисијата, па се очекува да се потврди и оваа.
Но, парадоксот на овие мерки е што по карантин од два и пол дена, веднаш следува отворање на кафулињата и рестораните.

Филипче на вчерашната прес-конференција најави дека по викендот, од вторник ќе се отворат угостителските објекти ако Комисијата за заразни болести ја донесе одлуката в петок.
Доколку не биде донесена одлука в петок, отворањето на угостителските објекти сигурно ќе биде во текот на првите денови од неделата, рече Филипче.
Владата ќе одлучува и за евентуално скратување на полицискиот час.
Во меѓувреме, со вчерашните четворица починати и новорегистрирани 19, вкупниот број на активни случаи заразени со коронавирус во земјава изнесува 381.
Вкупната бројка од почетокот на епидемијата изнесува 1.858, бројката на оздравени пациенти е 1.367, а на починати е 110.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.