Примариус д-р Добринка Наунова Јовановска, инфектолог и Габриела Темелковска, главна сестра на Клиниката за инфкетивни болести се првите здравствени работници кои денеска ја примија вакцината против Ковид-19.

Безболно е и се чувствувам одлично. Вакцината ја препорачувам на сите, за да стекнеме имунизација во целата држава. Секој треба да прими вакцина по сопствен избор, кој сака „Фајзер“, или некој друг тип на вакцина. Ова е единствен начин да се заштитиме од овој вид на инфекција со која се бори цел свет изјави д-р Наунова-Јовановска, еден од главните инфектолози на Инфективната клиника.

Таа кажа дека за 21 ден ќе ја прими и втората доза од вакцината, а имунитетот се стекнува за две до три недели.

Со вакцината ќе бидам повеќе заштитена од оној кој нема да прими вакцина. За мене ќе биде една голема сигурност тоа што сум примила вакцина и веројатно ќе бидам заштитена повеќе од оние што не примиле. Индивидуално е кој колку антитела ќе развие и каков имунитет ќе створи. Главно 95 отсто е заштитната моќ на оваа вакцина и јас се надевам дека ќе бидам во тие 95 отсто заштитени и тоа ми дава сигурност за понатаму – изјави  д-р Наунова Јовановска.

Главната сестра Темелковска рече дека ги поканува сите да се пријават за вакцинирање, и додаде оти отсега медицинските лица ќе се чувствуваат посигурно, дека ќе се намалат бројките на новозаболени и оти ќе почеме да се враќаме во нормален живот.

Денеска во Македонија почна имунизацијата на населението. Пунктот во модуларната болница ќе има шест вакцинални позиции, кои ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје.

Се користат вакцините донирани од Србија на компанијата „Фајзер“.

Како што најави министерството за здравство денеска треба да се вакцинираат 260 медицински лица.

Вкупно ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата се 97.456, од кои оздравени се 88.301, починаа 3.003, а активни се 6.152. Првиот случај на ковид-позитивен во Македонија беше на 26 февруари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.