Дали зад обид за насилна смена на поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи се крие неверојатниот успех на Стево Пендаровски да ги освои срцата на албанските гласачи да ги натера да го прекинат тивкиот бојкот? Дали бројките со кои се силеше претседателот на Владата и на СДСМ Зоран Заев за победа од 100.000 гласови разлика уште на првиот ден од вториот дел од кампањата се всушност оние 90.000 кои ДУИ си ги припиша како свој удел во победата на Пендаровски? Ја научи ли ДУИ коалициската лекција преку ИВЗ и со што ги дисциплинира Заев ДУИ и Реџепи?

Овие прашања се неминовни ако ја погледнеме сино-црвената карта на претседателските избори. ДУИ не остана дома како во првиот круг, а гласовите на Блерим Река се преточија на контото на Пендаровски и му донесоа убедлива победа во вториот криг на претседателските избори.

Во меѓувреме – Финансиската полиција прима пријава за финансиска контрола во ИВЗ, а пак, Основниот суд Скопје 1 го разрешува Сулејман Реџепи и на негово место го назначува Скендер Бузаку.

По обидот за пуч во Исламската верска заедница, кој се случи на 23 април, само два дена по првиот круг на претседателските избори, на кој беше повеќе од очигледна слабата излезност во албанските средини, реисот Сулејман Реџепи го промени ставот изнесен на прес-конференцијата по пучот, дека нема да се меша во изборите и да повикува на излезност, и пред вториот круг повика на излезност на албанските гласачи.

В недела, на 5 мај, муслиманските верници треба да излезат масовно и да го искористат нивното граѓанско право на глас, за повеќе права, за правна и демократска држава, за верски и народни права за сите народи кои живеат во Македонија, за членство во НАТО и ЕУ, пат кој ние како верници и како ИВЗ го трасиравме со години, постојано – велат од ИВЗ.

И додека СДСМ преку потпретседателот Мухамед Зекири отворено војува со Реџепи, ДУИ го осуди упадот и преку Бујар Османи повика Владата и судовите да ги почитуваат одлуките и автономијата на ИВЗ.

Сите очи вперени кон Зекири

Хајката што скоро цела година ја водеше потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири против поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи во екот на изборната кампања резултира со судска одлука за смена на реисот. Уште минатата година пратеникот Зекири од Собранието порача реисот дека Реџепи е заштитена мечка од секоја власт.

Се однесува на ИВЗ, односно на поглаварот Сулејман Реџепи и начинот како овој човек ја води оваа институција. И сакам да прашам дали овој човек е заштитена мечка и дали овој човек е над законите во оваа земја и може да прави што сака, изјави Зекири на 2 јуни 2018 година.

Премиерот тогаш пак најави дека лично по негов налог инспекциите ќе ја чешлале работата во верските заедници.

Трудовата инспекција ќе добие налог лично од мене како премиер, принципиелно да ги провери сите овие аспекти за да можеме преку вас да го испорачаме одговорот кон свештените лица или муфтиите, имамите кои што постојат во Република Македонија,  изјави Зоран Заев истиот ден.

Кон висок функционер на власта прстот го впери и пратеникот Антонио Милошоски, кој по пучот во ИВЗ изјави дека се работи за вмешаност на високи партиски функционери од владејачката коалиција.

Политиката не е надвор од случувањата во ИВЗ“, рече Антонио Милошоски од ВМРО – ДПМНЕ по повод случувањата во ИВЗ.

Тој истакна дека висок функционер во Собранието е многу заинтересиран за смена на раководството на ИВЗ.

Ова се политичко вмешувања на високи партиски фунционери од владеачката коалицијата, го истакна Милошоски својот став без да прецизира за кој точно станува збор.

И муфтиите од ИВЗ го обвинија Зекири за хајка против нив, а тој, пак, им возврати: Наместо да го осудите говорот на омраза, вие слепо му служите на „ѓаволот“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.