Местото каде најсилно мириса на липи, градот на Вардар, на нашето Водно, градот на Јустинијан, родното место на Мајка Тереза, градот на судбини, крстопати, градот на илјадници графити, и приказни раскажани и приказни недокажани, градот на кој му требаат промени за да се врати сјајот, за да се врати неговата душа по која генерации го препознаваат, и за иднината која мораме да ја создаваме, заеднички и снажно – вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го започна својот говор на централниот митинг што вечерва се одржува во Скопје.

Понатаму Мицкоски нагласи дека доаѓаат подобри времиња, нова иднина.

Овие денови беше врнежливо, небото е прекриено со темни облаци исто како и секојдневието што го живееме. Иако се чини дека тоа никогаш нема да престане, тука, од врнежливото Скопје, велам, доаѓаат подобри времиња, родена е надежта која ќе ни донесе нова иднина. Тоа е гласот на промените, а народот е силата на тие промени, тоа е гласот кој ќе ги оддува облаците и ќе го врати сонцето.
Новата иднина се промените, проектите и победите. Промените што ќе значат дека на сцена доаѓа нова генерација луѓе, нова надеж во политиката. Проектите кои ќе значат решенија за проблемите на луѓето, и победите… победите кои му требаат на народот и успесите кои мора да бидат заеднички.Скопје мора да го ослободиме од тесната клика и олигархијата која го гуши градот. Градот му припаѓа на народот. Скопје што побрзо мора да го преобразиме во метропола каква сите ние ја заслужуваме. Модерен град, град на случувања, град што се движи. Да ги вратиме насмевките на луѓето, да градиме дом за сите – нагласи тој

Вели, реалноста говори дека и Скопје е зафатено од она што го гледаме во целата наша татковина.

Разочарувања, неисполнети ветувања, крпен живот, неодговорни институции, локални шерифи, луѓе кои делат правда со боксови и пиштоли по улици, несигурност, пропаѓања и огромна сиромаштија. И додека сево ова се случува, имаме неподнослива ароганција на власта и запрепастувачка отсутност од реалноста. И на овие избори имаме реприза на истите ветувања, истите стравови со кои го плашат народот, истите сеништа од минатото, истите фрази, говори, потези, лактови, гестикулации. Дури и истите ветувања за иднината која ни ја ветуваа, а не ја испорачуваат. Лажните ветувања што ни ги даваат за ЕУ, за речениците со кои ни велат – еве само што не ни тргнало, дека сè сме исполниле, сè испотпишале и кај и да е, некој ќе нè забележи. И откако ќе нè забележат, резултатите сами ќе дојдат. Не оди тоа така затоа што генерации доаѓаат, генерации поминуваат. Но ние не мрдаме од истиот затворен круг. Соништата се исти, ама годините се менуваат и изминуваат. А ние немаме повеќе години за губење – им се обрати Мицкоски на скопјани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.