Владата врши притисок врз медиумите со чија уредувачка политика не се согласува, притоа користејќи го Јавното обвинителство. Нема поинаков начин да се протолкува кривичната постапка која Јавното обвинителство ја поведе против „Република“. За среќа, сѐ уште има судии кои судат според правото и законите. „Република“ го доби спорот на суд со кој се направи обид медиумот да биде казнет двапати за едно исто дело, што е спротивно на закон.
Тенденциозна беше и првата казна, кога Дирекцијата за заштита на лични податоци изрече глоба поради објавување на име и презиме и работен ангажман на лице кое врши јавна работа. Неделникот „Република“ своевремено ја објави јавната активност на јавни личности. Некако доаѓа како да објавивме дека Кире Лазаров е ракометар… Но „Република“ за тоа беше казнета. Воедно на некои од лицата е објавена и сумата на пари кои тие ја добиле како надомест за тој ангажман, или пак е посочено дека биле на некој платен список. Се работи за лица кои се претставуваат како професори и политички аналитичари, новинари, борци за човекови права, претседател на Хелсиншки комитет… Лица кои вршат јавна работа и кои се дел од разни дебатни емисии, од јавнит собири на кои држат говори, испраќаат пораки, се фотографираат и сами ги објавуваат фотографиите од нивното учество на тие собири. Казната е во висина од 1.800 евра за медиумот и 550 евра за директорот, односно казна од 2.350 евра (околу 150.000 денари). Ова беше прв случај Дирекцијата да изрече глоба за медиум, а „Република“ е казнета за објавување лични податоци (имиња и презимиња, работен ангажман, и паричен надомест) коишто, во најголем дел веќе беа објавени во други медиуми.
Но, да по паричната казна од Дирекцијата за заштита на лични податоци следуваше уште една казна за истото дело. Судот, без никакво известување и покана до обвинетиот, без ниту едно одржано судско рочиште, изрече уште една парична казна за истото дело. И не само тоа. Изрече и казна затвор за одговорното лице, односно директорот на медиумот, кој истовремено е и сопственик, во траење од 3 месеци, условно до една година да не стори ново кривично дело, затоа што во средството за јавно информирање биле објавени личности од јавниот живот со цело име и презиме и информација за нивниот работен ангажман. Да бидеме јасни. Посочените во текстот не ја негираат содржината на истата, ниту пак информациите кои се објавени. Тие не поднеле тужба за клевета и навреда. Се суди за објавување на нивните лични имиња.
Ваквата казна дојде откако обвинителството ја прифатило кривичната пријава од споменатите лица. Иако „Република“ веќе плати казна која исто така е тенденциозна, обвинителството бара втора казна за исто дело… Во превод прави обид да го замолчи медиумот. Се поведе судска постапка. Иако беше укажано дека се работи за прекршок за кој веќе е платена глоба, обвинителството одлучи да оди до крај. Судот пресече – донесе одлука со која медиумот се ослободува од обвинение. Трошоците за кривичната постапка паѓаат на товар на Буџетот на Република Македонија. Трошоци ќе бидат платени на адвокатите кои го застапуваа медиумот и нејзиното одговорно лице, но и на адвокатите на наводно оштетените – во случајот сопругата на Љубомир Фрчкоски, Ирена Фрчкоска. Се офајдија и Фрчкоски. Обидот на Владата за замолчување на медиумот и вршење притисок врз истиот одат на сметка на државниот буџет.
Има ли одговорност на обвинителот, кој иако добро знае дека за исто дело не може да има две казни не се повлекол со цел да не создаде трошоци кои би биле на државниот буџет, односно пари на граѓаните?! Зошто обвинителот не се повлече во моментот кога сфати (прашање е дали претходно не бил запознаен дека веќе е платена глоба) дека нема основ за поведување ваква постапка?!
Се чини Владата има една цел – да се замолчи и затвори секој медиум што не е на нивна страна и е критички настроен кон нивната работа. Зарем ова звучи нормално, демократски, слободарски?! Ова ли е ЖИВОТОТ кој се бараше и кој се ветуваше?!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.