Со свирежи во салата и голем број пораки испишани на транспаренти како „Кацарска извршител на мафијата“, „Уставниот суд пресуди дека кацарска суди противуставно“, „СТОП за трас-трас уставен судија“, „Кацарска значи неправда“, „Кацарска судтството + Рускокса обвинителството = Мафијата на Заев“, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на 20. собраниска седница, на инвентивен начин изразија револт против предлогот Добрила Кацарска да биде избрана за уставен судија.

Како што истакнаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното именување е уште еден доказ дека продолжува мешањето на извршната во судската власт и дека премиерот Зоран Заев продолжува на дрзок и манипулативен начин да ги наградува послушните судии.

Од „сваровски“ стигнавме до „кацарска“ судство во кое Кацарска, како прекршувач на Уставот и основните човекови права, се предлага и ќе биде избрана за уставен судија. Остануваме на статусот „кадија те тужи, кадија те суди“, односно на времето на „заевизмот“ и „заевистичкото“ мешање во сите власти. По овој пример можеме да очекуваме Заев да ја именува Лидија Димова за министер за финансии, Катица Јанева за министерка за правда, а Боки 13 за директор за Фондот на иновации – реагираше Дафина Стојановска пред чиј микрофон беше поставен написот „Стоп за трас – трас уставeн судија“.

Според неа, во земјава нема ниту правда, ниту мир, има само криминал и сиромаштија.

Кацарска е судија на која Уставниот суд и поништи одлука и која не ги знае Уставот и законите. Никаде во светот ваков човек не може да биде уставен судија, но кај нас овој преседан ќе стане реалност – истакна Стојановска.

Незадоволството кај опозициската партија доаѓа од серијата пресуди на Кацарска кои за ВМРО-ДПМНЕ се партиски нарачки и реваншизам на владејачката СДСМ. 

Од опозицијата порачаа дека времето на „Трас Трас“ судските одлуки, „Штитењето на мафијата на власт“… треба веднаш да престане.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Кацарска и Рускоска само ја заштитуваат мафијата на Заев и дека тие се директни учесници во криминалот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.