Според извештајот за годишната кривична статистика на Советот на Европа за 2018 година, објавен денеска, Македонија го следи европскиот тренд за намалување на вкупната стапка на затворени. Додека на ниво на цела Европа стапката се намали за 6,6 проценти во периодот меѓу 2016 и 2018 година, поминувајќи од 109,7 на 102,5 затвореници на 100.000 жители, Македонија е меѓу земјите каде таа стапка најмногу опаднала -9.7 проценти, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Македонија со 122,3 затвореници за 100 места, се наоѓа меѓу осумте земји кои пријавиле сериозен севкупен проблем со пренатрупаност во нивните затворски администрации. По Македонија следат Романија (120,5), Франција (116,3), Италија (115,0), Република Молдавија (113,4), Србија (109,2), Португалија (105,9 ) и Чешка (105,6). Уште четири земји имале затворска густина над 100 затвореници за 100 места Грција (101.0), Австрија (100.7), Словенија (100.5) и Данска (100.5).

Нашата држава е меѓу земјите со највисока смртност во затворите 52,8 смртни случаи на 10.000 затвореници, веднаш по Република Молдавија (55), пред Бугарија (51.5), Португалија (51.3), Русија (51), Литванија (50), Азербејџан (46.7) , Хрватска (43.9) и Велика Британија (Шкотска) (39). Инаку, вкупната стапка на смртност во затворите во Европа во 2017 година изнесува 26,3 на 10000 затвореници.

Нашата држава е во земјите со најголема должина на затворската казнам 20,4 месеци, додека просекот во Европа е 8,2 месеци. Администрацијата на затворите со највисока просечна должина на затворање беше Азербејџан 37,7 месеци, Португалија 31,1, Романија 24,2, Чешка 24,0, Шпанија (државна администрација) 21,8, Република Молдавија 19,9 и Шпанија (Каталонија) 19,3. Со најниска просечна должина на притворот беа Кипар 1,2 месеци, Швајцарија 1,6, Холандија 3,5, Данска 3,9, Велика Британија (Северна Ирска) 4,2, Црна Гора 4,6, Хрватска 4,7 и Норвешка 4.9.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.