Откако во текот на претходното деноноќие беа регистрирани нови 355 случаи на корона вирусот, вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во Македонија од почетокот на епидемијата изнесува 217.025. Во последното деноноќие се регистрирани вкупно 15 починати лица, со што бројот на починати се искачи на 7.631. Бројот на активни случаи е 6.069.

Најмногу активни има во Скопје и тоа 2821, по што следуваат Битола со 553, Прилеп – 336, Кавадарци – 247, Охрид – 222, Куманово – 210. Во другите градови има под 200 активни случаи.

Според статистиката за период од 6 август до 2 декември, од 60.772 заразени граѓани, 69 отсто не биле вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. Дури 79 отсто од починатите не биле вакцинирани, а 21 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

Засега нема да се применува мерката задолжителна вакцинација или негативен ПЦР-тест во јавниот сектор, како што предложи Комисијата за заразни болести. Стимулацијата за вакцинација ќе се врши преку матичните лекари, кои ќе добијат финансиски бонус ако постигнат 70 отсто од вакцинацијата на своите прикрепени пациенти.

Според светската статистика, досега се заразиле над 265 милиони луѓе, починале повеќе од 5,2 милиони жители и оздравеле околу 240 милиони лица.

Вчера од Кембриџ, Масачусетс, пристигна веста дека новата варијанта на коронавирусот Омикрон најверојатно собрала најмалку една од нејзините многубројни мутации со тоа што презела парче од генетскиот материјал на друг вирус, најверојатно оној што предизвикува обична настинка, кој е присутен кај истите заразени клетки, велат истражувачите.

Според светските агенции, ова не е забележано во ниту една претходните варијанти на корона вирусот, но е присутно кај многу други вируси, вклучително и оние кои предизвикуваат настинки, како и во човечкиот геном, велат експертите.

Омикрон со преземањето на новиот „код“, се прави себеси „почовечки“, што може да му помогне да го избегне имунолошкиот систем“ – сооошти Венки Саундарарајан, експерт во „Nference“, компанија за анализа на податоци со седиште во Кембриџ, Масачусетс.

Саундарарајан го предводеше ова истражување објавено како „препринт“, што значи дека сè уште чека научна рецензија.

Откритието може да значи дека вирусот полесно се пренесува, но и дека предизвикува само блага или асимптоматска болест, што би било одлична вест за човештвото по речиси две години пандемија. Научниците сè уште не знаат дали Омикрон е позаразен од другите варијанти, дали предизвикува потешка форма на болеста или дали ќе ја надмине Делтата како најраспространета варијанта на корона вирусот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.