Бизнисменот Фијат Цановски, како оштетен во случајот „ТНТ”, денеска во Кривичниот суд даде исказ како сведок предложен од страната на одбраната.

Обвинетиот Тони Трајковски, како поранешен градоначалник на Општина Гази Баба, во неколку наврати побара од сведокот да даде одговори во однос на изградбата на комплекасот ,,КОСМОС”, на што сведокот одговори дека се што потпишал било по налог на стручните служби и дека не се сеќава за други работи.

– Јас сум инвеститор на градби, не градежник. Многу одлуки сум потпишал, не се сеќавам конкретно за некоја одлука. Ако е мојот потпис во документите, тоа значи дека јас сум потпишан. Ме малтертиравте со рушењето, сега со судењето, рече сведокот Цановски.

Поголемиот број на прашања поставени од обвинетиот Трајковски, беа проследени со приговори од страна на обвинителот Бурим Рустеми, односно истите беа уважени од судечкиот совет.

При ова ситуација обвинетиот Трајковски, искоментира дека кога сведокот бил во негова канцеларија бил добро информиран и имал знаење за градежни работи.

Случајот ,,ТНТ” по повторување на судењето уште е во фаза на доказна постапка. Обвинети во овој предмет се Никола Груевски (кој е во бегство), Миле Јанакиески, Тони Трајковски, Елизабета Најдовска, Насе Ралев, Марика Зафировска и Александра Димитриева.

Судењето го води судијата Огнен Ставрев, додека застапник на обвинението е обвинителот Бурим Рустеми.

Според обвинението поднесено од поранешното Специјално јавно обвинителство,  осомничените лица во 2011 година од политичка причини, го рушиле комплексот „КОСМОС”, сопственост на бизнисменот Фијат Цановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.