Словенија и Хрватска подготвуваат формална реакција до Македонија за скандалозното однесување на Горјан Тозија, директорот на македонската Агенција за Филм, кој во настапи на социјалните мрежи грубо ги навреди овие две земји, како и Унгарија. Словенечкиот весник најавува дека во тек е и финансиска истрага против компанија со која Тозија е поврзан.

Во Словенија, како и во Хрватска, веќе почнаа да се движат тркалата на дипломатијата за да се изреагира на навредите, и да се испита дали овие ставови се ставови и на Владата на Република „Северна“ Македонија. Овие држави и упатија помош на Македонија за време на епидемијата на коронавирусот, наведува Демокрација.

Тозија испрати десетици навреди, насочени особено кон Хрватска, по скандалот со објавувањето на марката со мапата на „Голема Хрватска“. Иако вината за ова беше целосно на Македонската Пошта, Тозија истури напади и навреди кон Хрватска, нејзината актуелна Влада, премиерот Пленковиќ и неговата партија ХДЗ, нарекувајќи ги фашисти, усташи и криминалци. Притоа тој не ги штедеше ниту соседните Словенија и Унгарија, поради нивните исто така десно ориентирани владејачки партии. Демокрација прашува до кога Словенија ќе молчи додека ја напаѓаат неуспешни социјалистички политичари и уметници од Балканот.

Но, уште посериозно, весникот најавува дека Тозија се соочува со истрага за неговите приватни деловни активности извршени додека бил директор на Агенцијата за Филм во Македонија.

Од Хрватска велат дека постои можност дека тој учествувал во тендери и дека се разгледува текот на парите во бизниси кои ги иницирал како македонски претставник. Овие деловни односи наишле на разбирање во времето кога двете земји беа предводени од социјалистички влади, особено од страна на комичарот кој тука беше во улога на претседател на Владата на Република Словенија (Марјан Шарец), пишува Демокрација.

По доаѓањето на конзервативната Влада на Јанез Јанша на власт, забрзано се истражуваат поголем број сомнителни зделки склучени во времето на Владата на Шарец, кој и лично се соочува со кривична истрага. Тозија, пак, во Хрватска е регистриран како продуцент во компанијата за филмски услуги Тисак предводена од Ферид Терзиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.