Зоран Заев ја потврдил вечерва намерата за повлекување од партиското кормило пред Извршниот одбор на СДСМ, кој заседаваше пред да почне седницата на Централниот одбор, кој, сепак, е крајна инстанца за официјализирање на оставката. Иако негови блиски соработници од партискиот врв, според информациите и вечерва се обиделе да го премислат, Заев останал на позициите што ги соопшти уште ноќта на 31 октомври.
ТВ 24, повикувајќи се на извори од ИО, јави дека предлогот до ЦО е вонредните избори за нов лидер на партијата да се одржат на 12 декември. Тоа би значело своевидно забрзување на процесот, со оглед на тоа што Статутот на СДСМ предвидува вонредни внатрепартиски избори да се распишат во рок од 15 дена од официјализирањето на оставката, кога би се одредил и датумот за нивно одржување (по правило во недела).
„360 степени“ анализира дека иако Статутот на СДСМ предвидува и можност за избор на в.д. претседател, за што одлука би се носела на конгрес и би се оневозможило евентуално разгорување на внатрепартиска битка за лидерското место, поголема е веројатноста да се оди на нови внатрепартиски избори за лидер. Со тоа, според проценки во партијата, се отвора простор за влегување на повеќе кандидати во трката, што може да предизвика неизвесност (бидејќи целото членство има право да учествува во изборот на лидер), а наспроти најавите дека сегашното партиско раководство има свој фаворит за наследник на Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.