Без да навлегуваме во наоѓање на чија вистина односно на чија страна е вистината, ние како Скопска епархија не прифаќаме и не можеме да поддржиме ниту насилство ниту непочитување на редот, се вели во соопштението на Скопската епархија за денешниот инцидент во кој беше повредена новинарката Мирјана Мирчевска Јовановиќ од Канал 5 телевизија.
Од Скопската епархија велат дека жалат за немилиот настан и сочувствуваме со лицето кое се здобило со повреди.
Нашето досегашно искуство говори дека во досегашното организирање на овој настан сите чинители, меѓу кои и агенцијата за обезбедување и новинарските екипи постапувале професионално.
Замолуваме поради дејство и акт на одредено лице да не се фрла сенка врз целокупниот настан и врз сите кои најдобронамерно учествувале во неговото спроведување. Бидејќи е голем празник повикуваме на смирување на страстите и апелираме да се побуди прочка и да се побара прошка. Бидејќи тоа е во духот на празникот, велат од Скопската епархија.
Од таму додаваат дека секоја година на мостот се пристапува со акредитација, а сите новинарски екипи си ги земаа акредитациите кои беа во вид на пропусници на кои што пишуваше press.
Во годините наназад е познато дека тој што ќе го фати крстот прво доаѓа кај Архиепископот и испросува благослов, му го враќа фатениот крст и потоа откако новинарските екипи ќе го снимаат тој момент, земале изјави од фаќачот на крстот.
Според Закон за јавни настани, а овој е јавен, бара од организаторот да има и полиција и редари и обезбедување, велат од епархијата.
Свое соопштение за инцидентот испрати и националната агенција за обезбедување НИКОБ, од каде велат дека традиционално, и годинава ја обезбедуваа манифестацијата на положување на Светиот Крст во водите на Вардар.
За чествувањето на еден од најголемите христијански празници Богојавление-Водици, нашата агенција се погрижи со 30 обезбедувачи, за манифестацијата да мине во најдобар ред. Но, одреден медиум јавува дека на чествувањето на христијанскиот празник дошло до немил инцидент и напад на новинар кој известувал за настанот. За жал, медиумот искажа јавно незадоволство и упати обвиненија за непрофесионално однесување на вработени во агенцијата.
НИКОБ обезбедување,како и минатите години хуманитарно се погрижи за безбедноста а за време на одржување на манифестацијата се придржуваше на утврдениот протокол од страна на организаторот. За успешно завршеното обезбедување на манифестацијата од страна на организаторот ни беше искажана благодарност и честитки, велат од агенцијата.
Тие додаваат дека нивните обезбедувачи строго се придржуваа кон задачите, одредениот план за движење и дека обврската на вработените е да обезбедуваат, а не да напаѓаат новинари поради што искрено жалат што медиумот и новинарот сакаат да му дадат таква конотација на нивниот труд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.