Од 221 активен случај на Ковид-19 во државата, 85 се во Скопје, а 78 во Тетово. Во вчерашниот здравствен билтен овие два града имаа и најмногу новозаразени – по четворица од вкупно девет лица кои имале позитивен тест на вирусот.
Сепак, иако Комисијата за заштита од заразни болести на состанок констатирала лесно зголемување на новите ковид-случаи во Скопје и Тетово, смета дека нема потреба од нови дополнителни рестриктивни мерки бидејќи епидемиолошката состојба е стабилна.
Според анализите на Комисијата, ширењето на вирусот во Тетово е поради непочитување на препораките и протоколите при организирање семејни и друг тип веселби во затворен простор.
И покрај бројот на активни случаи и позитивни од тестирани за Ковид-19, состојбата е стабилна, а во болниците нема притисок од хоспитализации. Комисијата за заразни болести во моментов останува на досега препорачаните мерки, кои би се заостриле во моментот кога ќе се укаже таква потреба – соопшти Министерството за здравство.
На вакциналните пунктови низ државата вчера почна имунизирањето со „Фајзер“ на околу 1800 малолетници над 12 години чии родители/старатели ги пријавиле на сајтот vakcinacija.mk.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.