Државниот оператор за пренос на електрична енергија МЕПСО не открива колку пари ѝ должи фирмата на Аријанит Џафери „У Пауер“, синот на Муса Џафери од ДУИ, за ангажирана балансна енергија и колкав период се чекало за наплата на овие средства, пишува Телма.
Клиенти на „У Пауер“, која е основана во 2016 година, се голем број на општини и државни институции, кои преку неа се снабдуваат со струја: Град Скопје, Бутел, Аеродром, Гевгелија, Свети Николе, Битола, Царината, УЈП, Царина, ТИРЗ и МЕПСО.
Според јавно достапните податоци, договорите за набавка на електрична енергија кои се склучени со „У Пауер“ се во износ од неколку илјади, до неколку стотици илјади евра, а најголемиот е со Град Скопје, склучен во мај годинава и е во вредност од околу 1,1 милион евра. Договорот со МЕПСО склучен во јануари оваа година е во износ од речиси половина милион евра, а двата со ТЕЦ Неготино сѐ со слична вкупна вредност од 450.000 евра.
Алатката Отворени финансии покажува дека голем дел од државните институции и општините редовно си ги плаќаат фактурите за потрошена енергија кон оваа фирма.
Фирмата на Аријанит Џафери, кој е син на фукционерот на ДУИ Муса Џафери, не ги обезбедила навреме и во целост количините на електрична енергија за кои имаат склучено договори со потрошувачите. Затоа тие набавувале струја од резервите на МЕПСО, наменети за балансирање на електроенергетскиот систем, по цена далеку поевтина од онаа на светските берзи, пишува Телма.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.