Скопјанец кој преживеал многу лошо искуство со коронавирусот и со здравството во Македонија, а нема свој профил на социјалната мрежа, преку профилот на свој пријател, превземен од „Плусинфо“, раскажува за својата голгота.

Имам 59 години, стар скопјанец. Од првиот ден верував во сериозноста на пандемијата. Тоа што, поради краен конзервативизам и неверување во ништо официјално (иако сме процентуално најрелигиозен народ во Европа) дел од нашиот народ не верува(ше) во ковид-19, ме вадеше од кожа и ме срамеше. За мене, ова, заедно со недисциплината, е очигледна причина зошто, на сите полиња, сме таму каде што сме (освен во фудбалот?).

Бев еден од ретките кои СЕКОГАШ носеше маска на работното место. Но, работам во т.н. важна институција во која повеќето колеги сметаат дека се од „Господ дадени“ и не мораат да носат маски. И, како што обично бидува, тој што најмногу се пази – се заразува (иако немам никаков доказ од кого и кога се заразив – како 80% од новите случаи). Мантрата – пратење контакти, кластери… умре сама од себе! Неспроведливо. Шестиот ден од појавувањето на симптомите бев телефонски контактиран од студент по медицина, кого многу повеќе го интересираа моите симптоми, отколку моите контакти во последните 10 дена. Се разбира, јас самиот ги известив сите со кои контактирав и мислам дека секој треба да го стори тоа.

Симптомите се појавија кај мене и кај сопругата во саботата, на 24 октомври – температура од околу 37,5 степени. Во понеделникот, на 26 октомври приватно се тестиравме (зарем некој сѐ уште чека упат од матичен лекар, со денови?) и до крајот на денот го добивме очекуваниот резултат – обајцата позитивни. Веднаш ја известивме нашата матична докторка (една од ретките позитивни ликови во приказнава) и почна стандардната рутина: сумамед, парацетамол и борба со сѐ повисоката температура. Мојата сопруга имаше поблаги симптоми, така што од тука ќе го раскажувам само моето искуство.

Температурата постојано растеше, до 39 степени – повеќе не помагаа андоли, парацетамоли (сумамедот – сигурно не!), така што живеев за земање на нов бруфен – на секои 6 часови… кој сѐ пократко делуваше. Матичната докторка професионално се јавуваше секој ден, но чаре немаше. Петтиот ден решив приватно да направам рентген и детална крвна слика во клиниката „Жан Митрев“. Согласно протоколите се јавив во Полиција да ги известам дека ќе го напуштам домот и покрај Решението за изолација. Одговорот беше „Добро бе дечко, оди каде сакаш, со среќа“… Ни име, ни презиме… Нејсе… Јас си знам како извозев до таму…
Иако имав термин, чекав (околу 19 часот) ред со 20-тина пациенти кои се тестираа за ковид-19. Со 39 степени температура, издржав два часа пред вратите на Клиниката, за да добијам рентген снимка на која се гледа воспаление на двете белодробни крила, а и крвната слика беше лоша. Тоа беше пресвртниот момент. Работата стануваше сериозна (имам коморбидитети).

Целиот викенд јас, моето семејство и матичната докторка, го поминавме во барање место на Инфективна клиника, „8 Септември“… НЕМАШЕ. Во понеделник, на 2 ноември, матичната организираше посета на Брза помош дома. Младите доктори ме прегледаа, констатираа дека морам во болница, но нема каде… После многу јавувања (фаќање врски?)… се најде место во тукушто отворениот ковид-19 центар Институтот за белодробни заболувања. Веднаш, со Брзата помош, ротациони светла и сирени бев префрлен таму.

Спас? Не! Состојбата во Институтот беше ХАОТИЧНА. Немање персонал, некоординација, незаинтересираност. Имав висока температура, и, иако бев примен во 10 часот, првата инфузија ја примив на полноќ. Очајна „храна“ (сите оброци – прастар кроасан и јогурт), валкано, депресивно.

Целиот текст на „Плусинфо



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.