Профилот Ел Чека деновиве објавува нови нелегално прислушувани разговори во кои главни актери се челници на ДУИ.

Специјалното јавно обвинителство веќе ги анализира новите таканаречени „бомби“, кои одекнаа на социјалната мрежа „Фејсбук“, пренесе Радио Слободна Европа.

Во однос на новите т.н. бомби од прислушувани разговори, наводно, на лица од ДУИ, и дали ќе побара одговорност од коалицискиот партнер зашто има индиции за криминал, премиерот Зоран Заев рече дека не слушнал дека се појавиле нови „бомби“ и не може да ги коментира зашто, како што рече, не знае дали се од објавените материјали што ги поседуваше СДСМ или се нови.

– Дали има или нема индиции зависи од тоа колку е очигледна работата или не е. Кога јас ги објавував „бомбите“ на најтранспарентен начин, секогаш зборував за индиција. Затоа и беа процесирани постапките, затоа беа предадени материјалите. Според датумите кога биле правени, по моја проценка, една третина од материјалите беа во наша сопственост, дел од тие што биле снимени во тогашната УБК една третина биле доставени до опозицијата. Добро е што денес има закони за тоа. Очекувам институциите да постапат, зашто финиширањето на Пржинската влада и договарањето беше и правна регулација на неовластеното пуштање во промет на снимки, особено во делот на приватноста, рече Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.