Откако Алтернатива на Африм Гаши ја предложи Фатиме Фетаи на чело на новото Обвинителство, а Алијансата на Албанците предложи странец обвинител, новинарите денеска побараа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски са посочи кој од овие два предлога за него е поприфатлив. На ова Мицкоски одговори:
Секој предлог кој што ќе значи вистинска и безкомпромисна борба за организираниот криминал и корупција за нас е прифатлив. Начинот на кој што ќе се организира персоналот во рамките на тоа ново формирано обвинителство или доколку го прифатат нашиот по многу основи поразумен предлог новоформирано одделение во рамките на обвинителството за организиран криминал и корупција, ќе значи најпрвин бенефит за граѓаните, а потоа во втор план да ги оставиме интересите на политичките партии и политичарите во Република Македонија. Повторно ќе кажам ние треба луѓе да се реформираме затоа што ние треба да направиме подобро место за живеење, а не затоа што некој надвор ќе ни ги истегне ушите и ќе ни каже дека тоа така треба.
Тој нагласи дека Македонија може и заслужува подобро.
Тоа ќе го кажат граѓаните на следните предвремени парламентарни избори, оваа корумпирана врхушка од власт ќе замине, а сите тие кои што се огрешиле пред законот или постојат индиции без разлика на која политичка партија и припаѓаат, без разлика како се викаат ќе одговараат и ќе се соочат со правдата. Ќе имаат подеднакви можности да докажуваат дали се виновни или невини. Ние денеска живееме во општество во кое што гледаме како осудени затвореници јавно му се заблагодаруваат на премиерот. Зарем е тоа општеството во кое што ние треба да ги воспитуваме нашите деца? Зарем тоа е правдата? Зарем тоа е независното обвинителство? Зарем тоа е независното судство? Утре треба да излезам пред студентите на факултет, што да им кажам? – додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.