Синдикатот на полицијата реагира на како што велат, издадените незаконски решенија изминативе денови во Одделот за специјални полициски операции – ЕСЗ и ЕБР. По предлог на раководител, а со согласност на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) деградирани се педесетина специјалци со највисоки видови на обука по светски стандарди, тврдат синдикалците.

Деновиве се поделени повеќе од 50-тина решенија од Единицата за специјални задачи – ЕСЗ  и ЕБР каде долгогодишни специјалци и инструктори со поминати највисоки видови на обука по светски стандарди без никаков повод и причина се распоредени и ставени во куќарки да чуваат објекти, се вели во реакцијата на Синдикатот на полицијата.

Синдикалците велат дека станува збор за специјалци со повеќе од 20 години работно искуство и инструктори, а за чија обука државата потрошила огромна сума пари и сето тоа се фрла во вода.

Реакцијата е испратена до министерот за внатрешни работи и до директорот на БЈБ.

Дали знаете дека со ова сериозно се влијае на безбедноста на државата заради недостаток на стручен кадар како специјалци како во ЕСЗ така и во ЕБР? Не ли имате барем малку грижа на совест што свесно ја ослабувате ЕСЗ, а Вие тоа најдобро го знаете дали е така бидејќи почетоците во МВР Ви беа баш од таа единица? Зошто тоа деновиве станува пракса и во Единицата за брзо распоредување – ЕБР каде долгогодишни специјалци, пак се ставени на обезбедуваат куќарки и сега „модерно“ Ви станува наместо да ги задржат овластувањата со 30 отсто им давате решение со овластување 20 отсто. Па има ли крај ова лудило почитуван директоре, а впрочем и почитуван министре? Зошто едноставно ваквата незаконска пракса за издавање на незаконити решенија не стане „историја“ и конечно да започне владеењето на правото и почитување на сите процедури при распоредувањето на работник по било кој основ во Министерството за внатрешни работи. Зошто тогаш постои Колективниот договор на МВР ако воопшто не го почитувате?, се вели во писмото од Синдикатот на полицијата.

Тие се незадоволни и од нивните колеги во полицискиот синдикат.

Ги прашуваме и членовите на т.н. „единствен репрезентативен синдикат во МВР“ кои се дел од овие комисии: што правевте при донесувањето на одлуките за распоредување на наведената категорија на работници како во овој, така и во изминатиот период? Дали барем еднаш се спротиставивте на некое незаконско решение?, се вели во реакцијата на Синдикатот на полицијата во Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.