Државниот завод за статистика останува на ставот дека пописот е исклучиво статистичка операција и ќе ја спроведе на таков начин. Свесни сме дека ќе има политички притисоци, но до нас е дали ќе успееме да одолееме. Цврсто сме решени да истраеме во тоа и оваа операција навистина да биде само статистичка, порача денеска директорот на ДЗД Апостол Симовски.
Тој вели дека на ДЗС е да собере точни и квалитетни податоци и оти тоа и ќе го направи, а како тие податоци понатаму ќе бидат третирани, потенцира, не зависи од нив.
-Како некој ќе ги третира тие податоци кога ќе ги објавиме, тоа не зависи од нас. Оној што ќе знае да ги искористи ќе има исклучително голем бенефит. Наше е да ги обезбедиме тие податоци и тие да бидат секому достапни, а тоа секако ќе го направиме, рече Симовски на панел дискусијата на тема „Како сѐ може да се (зло)употреби пописот?“ организиран од невладината организација ЦИВИЛ.
Директорот на ДЗС останува на ставот дека пописот ќе биде спроведен по сите стандарди.
-Се крена многу врева во текот на носењето на Законот, бидејќи методолошките елементи не беа дадени во него. Со објавувањето на Методологијата мислам дека стана се чисто и јасно и оти особено за овие категории население за кои најмногу се дигна галама, односно што е вкупно резидентно население, што е нерезидентно, кои лица влегуваат во едната кои во другата категорија, дека тоа се разјасни и оти сме апсолутно во согласност во милиметар со она што се меѓународни препораки на ОН и Евростап. Тука не отстапуваме и јавноста тоа конечно го разбра, го сфати, а дилемите се разјаснети, дециден е директорот.
За разлика од пописите во 2002 и 2011, додава Симовски, со сегашниот се опфаќааат и нашите граѓани кои се надвор од државата повеќе од една година, бидејќи цениме дека државата има огромен интерес да ја знае бројката државјани кои се надвор од неа, каква е нивната структура по сите основи, кога заминале од државата во кои правци и во кој временски период заминале од државата. Не сум целосно сигурен дека може да се дознае точната бројка, додава Симовски, но овие податоци може да постават основа за проценка на целокупната бројка.
Тој појасни дека за овие лица се дава можност некој нивен близок да даде податоци, но, како што рече, строго ќе се води сметка кој ги дава податоците и како ги дава. Не случајно, потенцира Симовски, лицето кое ги дава податоците за друг го дава својот матичен број бидејќи ќе сноси одговорност ако се обиде со намера да даде податоци од она што е реалноста
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.