Развод е единственото решение на текстилната работничка Силвана Димитрова вработена во штипската конфекција „Алкон-текс“ за да го спаси сопругот кој под итно треба да се оперира. Во ваква ситуација нејзиното семејство е откако таа пред три месеци е испратена на принуден одмор од штипската конфекција „Алкон текс“. Ваква сугестија добила од административци откако ги прашала како да го реши проблемот со здравственото осигурување, кое три месеци го нема бидејќи газдата ниту им плаќа, ниту пак им дава отказ.

Не е правен операција, бидејќи немам отказно решение. Отидов во социјалното и ми рекоа дека единствено треба да се разведеме, бидејќи тој го користи моето осигурување. Така на тој начин ќе може да се пријави под заводот и да има здравствено осигурување, вели Силвана Димитрова, вработена во конфекцијата „Алкон-текс“.

Истата голгота ја поминуваат и нејзините колешки на кои од вчера им заврши принудниот одмор од три месеци. Тие вчера втор ден излегоа пред фабриката, бараат да почнат со работа, но никој не ги прима, им рекле дека фирмата во којашто работеле сега е на друга адреса. Инспектори на Трудовиот инспекторат ги евидентираа работничките пред објектот. Работничките стравуваат да не добијат и тие откази поради кршење на ред и дисциплина, со што би останале без отпремнини, но и без можност да се пријават во заводот за вработување.

Ова што ни го направија многу лошо. Изненадно не испратија на одмор, а потоа на принуден одмор со 70%. Ништо не ни е исплатено,ни придонеси,ни здравство, изјави Убавка Јосифова.

 

Секој ден ме бараат од банката за да ги платам кредитите. Три месеци без плата. Јас имам кредит 6000, а сопругот 9000.Со што да платиме, изјави Ленче Милановска.

Конфекцијата „Алкон- текс“ е актуелна од пред месец и половина кога педесетина работнички протестираа затоа што не ги повикаа на работа бидејќи не потпишале документ дека се префрлаат во друга фирма зад која неофицијално стојат истите сопственици.  Формата префрлање на капиталот од една во друга фирма како што е случајот периодов е зачестена, алармираат од „Гласен текстилец“ барајќи УЈП, ОЈО соодветно да реагираат за да се спречи понатамошната манипулација со работниците.

Вие да немате здравствено осигурување во време на здравствена криза, не знам дали нормална држава тоа би го дозвоила, а велиме дека ќе одиме во ЕУ! Ова не би се случило во ниту една правна држава, изјави Кристина Ампева од „Гласен текстилец“

Како за работниците, така и за медиумите сопственикот на згаснатата конфекција „Алкон-текс“ која се наога во истиот објект каде што сега е лоцирана новата конфекција, не беше достапен за коментар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.