Португалија ќе се обиде да ги организира првите меѓувладини конференции со Македонија и со Албанија во првата половина од годинава, изјави португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва, чија земја го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ на 1 јануари.
Силва на онлајн брифинг за новинарите, како што пренесува Бугарското национално радио, истакна дека отворањето на пристапните преговори со Скопје и Тирана е меѓу приоритетите на португалското претседателство.
Тој посочи дека ЕУ досега испорачала многу барања до Македонија. Земјата мораше да спроведе голем број многу важни реформи, па дури и да го смени своето име.
-Тие ја завршија својата работа. Сега е време ние да го завршиме нашето, нагласи Сантош Силва.
Најави дека португалското претседателство преку разговори со двете страни ќе настојува да се надминат недоразбирањата меѓу Софија и Скопје.
-Сега имаме нова ситуација – прашањата поставени од Бугарија. Мојата цел е да разговарам интензивно со владите и на Македонија и на Бугарија. Бидејќи е многу важно внимателно да ги слушнете аргументите на другата страна. Кога тоа ќе се направи, лесно може да се разбере дека постои заедничка основа врз која може да се работи, заклучи шефот на португалската дипломатија. /МИА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.