Во европските држави, но и пошироко, на локални избори гласаат оние граѓани кои имаат постојано живеалиште во општината, што значи оние кои секојдневно го минуваат времето во неа, коментира професорката Гордана Силјановска, за случувањата во Кичево кога луѓе од дијаспората со авиони и автобуси беа носени само за да гласаат и потоа веднаш да се вратат назад во државите во кои живеат

Силјановска истакнува дека дијаспората, во најголемиот број држави не гласа на локални избори затоа што иселениците гласаат таму каде што имаат постојано живеалиште, таму каде што живеат, работат, примаат социјална помош, се лекуваат, се забавуваат, таму каде што децата им одат во градинка и на училиште, таму каде што плаќаат даноци

Таа додава дека токму затоа Советот на Европа ја донесе Рамковната конвенција со која им препорачува на земјите членки да им овозможат на странците со подолг престој во определена општина да гласаат во неа.

Пред да полетаат/слетаат авионите и допатуваат автобусите во Кичево.

 

Кој гласа на локални избори во земјите на европските држави, но и пошироко? Оние граѓани кои имаат постојано живеалиште во општината, што значи оние кои денот и ноќта ги поминуваат во неа. Дијаспората, во најголемиот број држави не гласа на локални избори. Зошто? Оти иселениците гласаат таму каде што имаат постојано живеалиште, таму каде што живеат, работат, примаат социјална помош, се лекуваат, се забавуваат, таму каде што децата им одат во градинка и на училиште, таму каде што плаќаат даноци.

 

Впрочем, не попусто, Советот на Европа ја донесе Рамковната конвенција со која им препорачува на земјите членки да им овозможат на странците со подолг престој во определена општина да гласаат во неа.

 

Уставот на Република Македонија, во членот 22, став (1) утврдува: „секој граѓанин, со наполнети 18 години стекнува избирачко право“.

 

Во Законот за локална самоуправа, пак, во членот 6 се вели: „Граѓаните на Република Македонија коишто имаат постојано живеалиште на подрачјето на општината се жители на општината“.

 

Ние сме познати по „оригинални“, односно sui generis правни и институционални политички решенија, па едно од нив е и гласањето на дијаспората на локални избори по примерот на sui generis политичките ликови, кои никаде во ЕУ не биле тоа што се во Македонија, оти нив и куќен совет не би им дале да водат, а камоли држава!

 

Навистина е чудно, некој кој нема постојано живеалиште во општината, туку живее во странство, откако ќе го избере градоначалникот таму каде што живее, односно во странство, а во општината во Република Македонија доаѓа само за време на одмор и празници, за еден ден да слета со авион или допатува, да гласа и да одлета.

 

Каков е неговиот однос со општината и со градоначалникот во поглед на секојдневните локални потреби? Попатен, ефемерен, периферен, привремен! Не му треба нему или нејзе градоначалник/градоначалничка која е илјадници километри оддалечена, ами на партијата, а особено на нејзиното водство!

 

Но, помнам кога конкретни кандидати ги дочекувале допатуваните и ги депортирале до гласачките места. Вакави феномени не се европски, туку етно-партиски и немаат ништо заедничко со зелената идеологија!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.