Кандидатот за претседател на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова вечерва се обрати на граѓаните во Крива Паланка. Сиљановска Давкова рече дека СДСМ и Зоран Заев ветувале многу проекти за граѓаните, но не исполниле ништо од тоа, додавајќи дека нејзин предизвик како иден претседател ќе биде решавање на проблемите на сите граѓани.

За жал оваа власт ветуваше битка со сиромаштијата, ветуваше дека ќе ги заштити најнезаштитените, најслабите, се колнеше дека ќе ја брани и ќе стори се за социјалната држава. Ама заборави на тоа. И додека 40 проценти од граѓаните се борат за живот, за преживување, не мислам дека тие имаат свест за тоа. Тоа се истите оние луѓе кои се расфрлаат со коли, со мотори, со глисери. Тоа ли е социјалдемократија? Не, тоа не е тоа. Социјалната држава ќе биде нашата основна цел. Тоа е предизвик за секоја одговорна власт и јас најпрво ќе се солидаризирам со најсиромашните, оти 40 проценти граѓани е огромна заборавена бројка, вели Силјановска Давкова.

Според нејзе државата мора да биде неутрална, не партиска, потенцирајќи дека премиерот и министрите треба да работат на исполнување на ветените проекти а не да агитираат и да присуствуваат и настапуваат на политички собири.

За време на избори претставниците на власта не треба да се сеприсутни во медиумите, не треба да одат ниту пак да агитираат на политички собири, зошто тие ја претставуваат државата, а државата не треба да биде партиска. Државата треба да биде неутрална, кажа Силјановска Давкова.

Сиљановска Давкова во своето обраќање истакна дека од секојдневната средба со граѓаните слуша и гледа голема недоверба во владата на СДСМ и во институциите, додавајќи дека оваа недоверба може да заврши со нејзината победа на претседателските избори на 21 април и 5 мај, а потоа и на предвремените парламентарни избори.

Отсуството на доверба треба да се запечати и да се потврди на следните претседателски избори а потоа да се завери и на следните предвремени парламентарни избори, изјави таа.

Според нејзе оваа влада најдобро се снаоѓа во корупцијата и криминалот, а не во демократијата.

Тие не умеат да пливаат во демократија, умеат да пливаат само во богатство, корупција и криминал, во непотизам, во фамилијарна демократија а таа тешко опстојува, затоа милам дека треба да си заминат, додаде Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова посочи дека секојдневното иселување на младите и образовни кадри од Македонија мора да заврши, ветувајќи дека доколку таа победи нејзиниот кабинет ќе го сочинуваат врвни професионалци во својата област и стручни лица.

Вреди да се инвестира во знаењето, дека нема поголема сила и моќ од знаењето, дека тие заслужуваат овде да го живеат својот сон, нагласи Силјановска Давкова.

Посебен акцент Силјановска Давкова стави и на нејзините приоритети како идна претседателка на Република Македонија а кои се дел од нејзината програма. Една од тие приоритети е токму и обраќањето пред Собранието се со цел да им предочи ма пратениците и министрите за проблемите на граѓаните, додавајќи дека доколку оваа влада не ги реши проблемите, ќе дојде наредната влада која сета своја енергија, знаење и моќ ќе ги посвети за решавање на општото добро а не на личното и колективното.

Она што е ваш приоритет ќе биде мој, дека јас многу пати ќе се обраќам пред собранието барајќи од пратениците и министрите да сторат се за да можат да се справат со проблемите на најсиромашните, со проблемите на лицата со посебни потреби, со проблемите на најранливата категорија ромите во Македонија, особено со жените, со младите, со пензионерите, со земјоделците, се разбира во договор со владата, зошто јас сум убедена дека една идна влада ќе умее да го слуша народот да направи приоритет, сета енергија, знаење и моќ да ја посвети за решавање на општото добро а не на личното и колективното. Ние сме уморни од олигарси, нам ни требаат одговорни демократи, политичари и државници, рече Силјановска Давкова.

На крај Силјановска Давкова посочи дека доколку не се водите од правото и правдата не може да има Европска Унија, ниту демократија а ниту добра и квалитетен живот, алудирајќи дека со нејзината победа конечно ќе се врати правната држава и владеењето на правото во Македонија.

Ако постојано не се водите од правото и правдата ако не велите дека без владеење на право нема ниту економија, ниту образование, нема ни Е од Европската Унија, додаде Силјановска Давкова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.